Управата за јавни приходи (УЈП) ги товари за даночно затајување за сума повисока од 20 милиони денари Меѓународен сојуз, Томато продукција и БМЈ груп, зашто не плаќале данок на добивка, ДДВ и персонален данок.
Во овие фирми се направени контроли, а постапката сѐ уште не е завршена бидејќи дел од раководителите на субјектите сѐ уште не ги разгледале записници. На претседателот на Меѓународен сојуз Бојан Јовановски Боки 13 му бил доставен извештајот на УЈП, но тој одбил да го прими. Иако, деновиве Јовановски дал неотповикилива оставка во Меѓународен сојуз, УЈП го товари за дела направени во времето кога бил претседател.
Неправилности има и во работењето на „1ТВ“ но тука нема основ за кривична пријава бидејќи се е искажано но не е платено.
– Телевизијата на Јовановски не му префактурирала мебел за кујна дневна… кој бил во телевизијата. При тоа нема документација за пренос на мебелот од локација на локација и платен ДДВ. Јовановски покрај плаќањето на мебелот е задолжен и со персонален данок од доход. Во телевизијата се е искажано, но не е платено – велат од УЈП.
„1ТВ“ дала позајмица на „БМЈ Медиа груп“ во 2018 година, но тие пари никогаш не биле вратени кон телевизијата. Од страна на УЈП направено е оданочување.
Неговата мајка пак на користење на „1ТВ“ дала и еден џип и за тоа требало да се плати персонален данок, но не бил платен.
УЈП утврдила неправилности и во работењето на Македонската авторска агенција преку која биле уплатувани парите на физичките лица од фирмите „Пелистер“ и „Дрим билдинк“ за изградба на европскиот комплекс за стари лица, информираат од УЈП.
Двете правни лица „Пелистер“ и „Дрим билдинг“ парите наменети за Меѓународниот сојуз односно за изградба на европскиот комплекс за стари лица ги уплатиле на Македонската авторска агенција која пак ги исплатила парите на сметки на Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ и Лидија Тодоровска која била носител на проектот. Контролата утврдила дека агенцијата немала потпишано договор со двете физички лица.
Во Меѓународниот сојузи во кој претседател беше токму Боки 13, УЈП при контролата забележала дека не се приложени документи за ваучерите за одредени семејства за кои биле исплаќани средства со што бил сокриен приходот.
При тоа како што утврдила контролата Меѓународниот сојуз свесно заобиколил да ги искаже приходите и расходите, а парите ги потрошил ненаменски без притоа да ги подмири давачките кон државата.
Меѓународниот сојуз не платил персонален данок и за износот платен за лекување на физичко лице во странство.
„БМЈ груп“ исто така се обидувала да затаи данок на добивка, ДДВ и персонален данок и тоа за промоција и организирање на концертите на Марија Шерифовиќ и Северина. За нив не биле точно прикажани приходите од билетите и не бил платен данок.
Фирмата исплатила и милионска сума дивиденда на сопственичката Јасна Мандиќ но и за тоа не е платен дакок на добивка. Не се платеи ниту даноците за позајмените пари од фирмата на вториот сопственик, Миле Јовановски кои не се вратени ниту во законскиот рок, ниту потоа, но се избришани од евиденција.
Во „БМЈ груп“, УЈП при контролата забележала префрлање на пари од 1ТВ за набавка на опрема, но не била издадена фактуира со што не бил пресметан данок.
Инспекрори извршиле контрола и во Томато продукција која за 4.000 евра месечна закупнина му го издавала објектот на Боки 13 за телевизијата.
Во Томато, пак, нашле затајување на данок при побарувањата на сопственикот на Томато од сопственичката на земјиштето која му била сопруга без да и биде доставена фактура.
Објектот, според УЈП бил изграден од страна на Томато во 2009 година, но земјиштето било на сопругата на сопственикот на продукцијата и му го издавала без надомест. Објектот бил избришан од евиденцијата не сметководствените книги во 2015 година и се водел на сопругата на сопственикот на Томато.
По завршувањето на постапката УЈП ќе предложи кривични пријави за фирмите и за носителите на раководните функции во нив до јавното обвинителство.
УЈП информира дека врши контрола во уште една фирма, кој била поврзана со овие три фирми и дека ќе направи контрола на физичките даночни обврзници што работеле со овие фирми.
УЈП соопшти дека лице не многу познато во македонската јавност се пријавило да ги преземе фирмите и нивните долгови.
Физичкото лице, како што информираат од УЈП, прикажало договор за преземање на „БМЈ“ и „1ТВ“, но договорот не е заверен кај нотар. Од УЈП информираа дека лицето изјавило дека двете фирми ги презема без никаков надомест.