Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид

Покрај предавањата, учесниците во попладневните термини ќе ги следат курсевите по избор кои ќе ги раководат специјалисти од соодветните подрачја, а преку нив учесниците ќе можат поконкретно и интерактивно да се запознаат со најновите истражувања што се предмет на нивниот интерес.

151

Седумдесет и четири странски студенти кои го слушаат предметот македонски јазик во рамки на студиските програми на своите универзитети, студенти кои истражуваат теми во врска со македонскиот јазик, литература и култура и научни работници и универзитетски професори кои истражувале или истражуваат проекти од областа на македонистиката од 25 држави се дел од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура што од денеска по 51 пат се одржува во Охрид.

Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје Никола Јанкуловски, во обраќањето пред учесниците истакна дека не случајно уште од основањето во 1967 година Семинарот се одржува во Охрид, културно-историското светилиште каде духот и традицијата на Охридската книжевна школа и Светиклиментовиот универзитет претставуваат непресушен извор на македонското слово.

– Токму од тука произлегува голем дел од словенското ракописно наследство врз кое се темели развитокот на словенското слово и создавањето на одделни писмени традиции. Затоа токму овде дел од вас првпат ќе се сретнат со македонското слово, а дел од вас ќе ги прошират и надградат своите познавања од областа на македонскиот јазик, литература и култура – истакна Јанкуловски.

Ректорот на УКИМ истакна дека Семинарот со своето петдецениско постоење претставува сериозна институција која ја афирмира и анимира македонистиката, македонскиот јазик, литература и култура, додека странските учесници се препознаваат како амбасадори на македонистиката низ светот.

– Согледуваји ги резултатите од минатото, веќе со почетокот на овогодишната летна шпкола отвораме нова страница во нашата традиција. Вие станувате дел од над четири илјади досегашни учесници од 50 земји во светот, меѓу кои се наоѓаат и имињата на истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странски универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, фолкористи, етнолози, археолози, научници и студенти кои го изучуваат македонскиот јазик по универзитетите широм светот- рече Јанкуловски изразувајќи задоволство од големиот интерес за учество на Летната школа.

И оваа година во рамки на програмата учесниците ќе ги развиваат вештините од областа на македонскиот јазик, ќе ги совладуваат преку лекторските часови на искусни професори и истакнати научни работници од катедрите за македонски јазик и јужнословенски јазици, за македонска книжевност и јужнословенски книжевности, Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Покрај предавањата, учесниците во попладневните термини ќе ги следат курсевите по избор кои ќе ги раководат специјалисти од соодветните подрачја, а преку нив учесниците ќе можат поконкретно и интерактивно да се запознаат со најновите истражувања што се предмет на нивниот интерес.

– Сигурни сме дека со нивната стручност и искуство ќе ви бидат одлични водичи низ тајните на македонскиот збор. За проширувањата на вашите знаења од областа на македонистиката во рамки на предвидените предавања и курсеви по избор е ангажиран наставен кадар од нашите високообразовни наставни и научни институции, МАНУ, Филолошкиот факултет, институтите за македонски јазик, за македонска литература, за национална историја, Институтот за фолклор, Природно-математичкиот факултет, Православниот богословски факултет  истакна ректорот на УКИМ.

Во рамки на Семинарот се одржа и 45. Меѓународна научна конференција на која македонските и странските експерти пред учесниците на летната школа ги презентираа своите најнови истражувања од областа на македонистиката. Темата на лингвистичката секција на годинашната Летна школа беше „Статусот на македонскиот јазик во и надвор од границите на Република Македонија“, додека на литературната секција – „Поетски книжевен тестамент (Кочо Рацин, Блаже Конески и Петре М. Андреевски)“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...