Оскаровецот Мет Дејмон сними неколку сцени за „женскиот римејк“ на приказната која актерот своевремено ја раскажа во друштво на Џорџ Клуни, Бред Пит, Енди Гарсија, Ал Пачино, Џулија Робертс… Во финалната верзија на филмот го нема Мет Дејмон.
– Избирањето на епизодните улоги е незапирлив процес, во кој внимателно се гледа како се вклопуваат во целата приказна – истакнал Гери Рос, режисер на акционата комедија „Осумтемина на Оушн“.
Екипата на филмот од минатата недела има премиери ширум светот, а јавноста забележала дека Рос ја исфрлил сцената со актерот Мет Дејмон во новото продолжение. Дејмон одиграл епизодна улога, а го избришале од „Осумтемина на Оушн“ поради неговиот став за сексуалното малтретирање во Холивуд и продуцентот Харви Вајнстин (66) чии сексуални злоупотреби го поттикнаа движењето #MeToo во САД.
– Верувам дека постои распон на однесувања. Ќе мора да направиме разлика помеѓу поттапнувањето на некого по задникот и силувањето и злоупотребата на децата. Се наоѓаме во пресуден момент и тоа е одлично, но мислам дека никој не зборува за големиот број мажи што не прават вакви работи и сето ова влијае врз нив. Со такви главно работев – рекол актерот, со што ја налути јавноста. Набрзо обожавателите на „Осумтемина на Оушн“ започнаа петиција и го „казнија“ Мет Дејмон за неговата изјава.
„Останувањето на Дејмон во филмот би ги направило небитни обвиненијата против сексуалните злоупотребувачи каков што е и Вајнстин, а и покажува големо непочитување кон сите храбри жени кои истапија и јавно проговорија за сè“, стои во петицијата против актерот. Во моментот на објавување на филмот на 8 јуни, петицијата ја потпишале повеќе од 28.000 лица, а обожавателите истакнале дека Дејмон треба да внимава што зборува, бидејќи му се испуштаат глупости.
Во најновото продолжение главните улоги ги играат Сандра Булок, Кејт Бланшет, Ен Хатавеј, Хелена Бонам Картер, Ријана, Сара Полсон, Минди Колинг и раперката Аквафина. Токму претежно женската постава во „Осумтемина на Оушн“ сметала дека Дејмон не може да остане дел од филмот.