Албанскиот претседател Илир Мета за време на денешен престој во Подградец се осврна на длабоката политичка криза во која се наоѓа земјата и истакна дека е подготвен да се откаже од мандатот за доброто на земјата.
– Подготвен сум да се откажам од мандатот и да се жртвувам како Салвадор Алјенде, за да не дозволам инсталација на воена хунта. Кризата може да предизвика конфронтации, кои ги видовме во минатото и кои би можеле да бидат на штета на интересите на земјата – посочи Мета.
Тој упати апел до сите да не ја жртвуваат земјата за нивните фотелји и интереси. Во тој поглед, иако не се чувствува одговорен, тој истакна дека ги вложил сите напори во изминатите две години за да ја спречи таквата ситуација.
– Подготвен сум за двете крајности, од откажување од мандатот како претседател, откако ќе се гарантира дека земјата има принципиелно политичко решение, солидно, уставно, кое ја носи земјата напред, па се до моето жртвување како Салвадор Алјенде за да се спречи инсталирањето на хунта која би можела да ја врати Албанија 30 години назад. Илир Мета е подготвен за двете – посочи претседателот Мета.
Според него неприфатливо е откажувањето на опозицијата од пратеничките мандати и оти со овој чин без преседан се продлабочила кризата.
За него со пополнувањето на Парламентот со други пратеници само се затскрива кризата и го поткопува почетокот на преговорите со ЕУ.
Мета е категоричен дека не може да има решение за оваа криза ниту на ултимативен начин, ниту преку реторика, која поттикнува насилство, ниту со полициски или финансиски методи, туку само со брз, сериозен и одговорен политички дијалог.
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA