Албанскиот претседател Илир Мета и премиерот Еди Рама денеска ја продолжија острата полемика, во која албанскиот претседател му порача на премиерот дека нема таква сила во светот што може да влијае врз неговите одлуки.
Полемиката што ја водат главно преку социјалните мрежи почна вчера откако Мета одби да го потпише назначувањето на Косовецот Гент Цакај за нов албански министер за Европа и надворешни работи.
Во образложенето за ваквата негова одлука тој наведе дека Цакај е млад, без потребно искуство за таа значајна фунција, како и поради тоа што Цакај ја поддржува идејата на косовскиот претседател Хашим Тачи за корекција на границата со Србија.
Мета исто така забележува дека Цакај, кој е заменик министер во истото министертво, не поседувал безбедносен сертификат.
– Без негова целосна проверка овој документ му бил издаден на 3 јануари, откако не ја потпишав уредбата за смена на актуелниот министер Дитмир Бушати, наведува Мета.
Претходно Рама одлуката на Мета ја оцени како антиуставна и срамна.
Мета му одговори на Рама со статус на Фејсбук посочувајќи дека „никој во светот нема таква моќ да влијае и врши пртисок врз претседателот на Република Албанија и оти нема Уставен суд во светот кој може да го забрани толкувањето на Уставот на Република Албанија“.
Мета на постот на социјалната мрежа не го спомена името на Рама, но јасно е дека тоа се однесува на премиерот.
Тој понатаму напиша дека нема таква сила во светот што може да изврши притисок и уцена врз претседателот на Република Албанија.
– Не постои Уставен суд во светот кој го забранува толкувањето и овластувањата дадени од Уставот на Република Албанија, кој ги поставува и ги разрешува министрите, особено оние кои се членови на Советот за национална безбедност. На прво место националниот интерес! Албанија на прво место!, напиша Мета.
Инаку, претседателот Мета побара од надлежната институција, Управата за класифицирани информации да спорведе целосна истрага во врска со тоа како Цакај добил безбедносен сертификат.