Мета: Го чекам народот на плоштад 

409
ФОТО: EPA / MALTON DIBRA

Албанскиот претседател Илир Мета рече дека е порешителен од кога и да e за сенационалнот собир што го свика за 8 декември во Студентски град, изјавувајќи дека нема да го напушти плоштадот се додека не им го врати на албанските граѓани правото на референдум признато и со Уставот.

На вечерашната прес-конференцијата одржана по средбата со Советот на албанските амбасадори, Мета рече дека со оваа политичка класа народот е безнадежен и референдумот е единствениот демократски начин да се спаси Албанија, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Нема да го напуштам плоштадот се додека заедно не му го вратиме на албанскиот народ правото на референдум што е содржано и во Уставот, се додека не го присилиме Парламентот и сите други да ја спроведат оваа уставна обврска. Им велам на сите граѓани, со оваа политичка класа вие сте безнадежни. Единствениот начин за подобра иднина е да започнете да вежбате директна демократија. Инаку, по неколку години тука нема да има повеќе Албанци, ќе има само имигранти и не знам што друго. Ова е единствениот демократски, транспарентен начин што ја спасува Албанија за неколку години да не го смени своето име како стадион за комерцијални цели – рече Мета.

Посочи дека ова е единствениот начин како Албанија може да биде со Албанците и дека Албанија без Албанци нема и не може да има.

– По 30 години, политичката класа, наместо да се подобри, има тотална деградација и носи нула одговорност. Ги уништи сите форми на политичко претставување. Во Албанија нема повеќе гласање, има само командувања насекаде. Ова нешто ќе заврши и тоа ќе го реализираме сите заедно на 8 декември, во 12 часот на плоштадот „Демократија“ во Студентскиот град – порача Мета.

Тој истакна дека на 8 декември почнува ново движење, втор декември што нема да заврши се додека албанскиот народ не го добие правото на референдумот стекнато пред 21 година.

Претходно албанските владејачки социјалисти го нарекоа чин без преседан повикот на претседателот Илир Мета за одржување сенационален собир на 8 декември.

Актуелниот министер за дијаспора и поранешен премиер Пандели Мајко рече дека претседателот треба да ги седне партиите на маса, а не да биде страна. Го повика шефот на државата да ги почитува неговите уставни овластувања и да најде решение за политичката криза присутна во земјата околу една година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...