Меркел: Ќе нема решение за миграцијата ни на Самитот

239

Пред почетокот на неформалниот работен мини-самит за миграцијата во Брисел попладнево, канцеларката Ангела Меркел порача дека нема да се изнајде целосно решение ниту на крајот на оваа недела.

– За жал, нема да имаме комплетно решение на Европскиот Совет за миграциското прашање. Затоа ќе има билатерални или трилатерални договори, за начинот на кој можеме взаемно да си помогнеме, без секогаш да се чекаат сите 28 земји членки, да размислуваме што и кому му е важно. Потрагата по модус вивенди и продолжување со работата за постигнување европско решение е во срцето на разговорите денес – рече Меркел.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, исто така смета дека се оди кон решение помеѓу неколку земји членки.

– Решението кое треба да го најдеме денеска е европско решение, тоа ќе се изгради само преку соработка помеѓу земјите членки, дали тоа се 28 или неколку земји кои сакаат да одат напред – изјави Макрон.

Макрон одговори на италијанските обвинувања за лицемерие, велејќи дека „Франција од никого не прима лекции“ и дека Франција е втора земја на прием на бегалци оваа година.

16 земји членки се присутни на денешниот состанок во Брисел, свикан од претседеталот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер.

Повеќе прашања се разгледуваат: реформата на Даблинската регулатива и распределувањето на бегалците низ земјите на ЕУ, склучувањето договори со трети земји за управување со барателите на азил надвор од европска територија, како и зајакнувањето на надворешните граници на Унијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...