Германските медиуми јавуваат дека канцеларката Ангела Меркел планира да предложи да се одржи прелиминарен Самит на ЕУ пред планираниот на 28 и 29 јуни, за да се изнајде решение за миграциската криза.
Весникот „Билд“ јавува дека Меркел сака да диксутира за ова прашање со земји како Грција, Италија и Австрија, но дека сe уште не е познато дали Шпанија и земјите од Западниот Балкан ќе се придружат. Неколку земји членки би сакале едно од решенијата да биде отворањето на бегалски кампови во земјите на Балканот.
Канцеларката смета дека мора да се изнајде решение на европско ниво, откако сите обиди до сега пропаднаа, а таа се наоѓа во клинч во сопствената коалиција. Нејзиниот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, има многу потврда позиција по миграциските прашања. Тој се закани дека ќе ја заобиколи канцеларката за да го реализира својот план за депоратирање на мигрантите и бегалците надвор од Германија.