Германскиот канцелар Ангела Меркел за првпат даде одговор за предлозите на францускиот претседател Емануел Макрон за реформи во еврозоната прифаќајќи ја идејата за буџет за инвестиции и заштитувајќи ја идејата за формирање европски валутен фонд.
– Имаме потреба од поголема економска конвергенција меѓу државите членки во еврозоната – нагласи Меркел во интервју за Франкфуртер алгемајне цајтунг.
– Поради таа причина предложивме буџет за инвестиции за еврозоната во коалициски договор на новата германска влада и јас ја поддржувам идејата – вели таа.
Меркел во интервјуто го објави и предлогот за формирање Европски валутен фонд што ќе помага на држави во тешка економска состојба во замена за строги услови и надзор.
– Ние сакаме да станеме малку понезависни од Меѓународниот монетарен фонд – објасни Меркел.
Тој фонд би презел дел од прерогативите на Европскиот стабилизациски механизам што сега дава помош за финансирање долгови на држави во криза како Грција и дава долгорочни заеми.