Брегзит претставува „длабок рез“ за Германија и низ цела Европа, нагласи германската канцеларка Ангела Меркел денеска додавајќи дека очекува „интензивни“ преговори за идните односи со Велика Британија.
„Германија сака да остане близок партнер и пријател на Велика Британија“, рече таа во видео пораката објавена само неколку часа пред излегувањето на Велика Британија од Европската унија.
Во исто време, таа истакна дека Европа ќе ги брани своите интереси, особено интегритетот на европскиот единствен пазар во тешки преговори што ќе следуваат оваа година во дефинирањето на идниот трговски однос меѓу блокот на преостанатите 27 земји и Лондон.
Таа истакна дека тие преговори ќе ја одбележат оваа година и дека очекува интензивни преговори, упатувајчи предупредувања до Британците.
– Колку повеќе Британците ќе се оддалечуваат од условите на единствениот пазар, толку повеќе ќе се променат нашите идни односи – потенцира таа.
Брегзит е историски аларм што мора да одекне во сите држави и да биде слушнат од сите во Европа и поради тоа мора да се замислиме, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Кампањата за референдум, што доведе до гласање на Велика Британија за напуштање на Европската унија, треба да биде потсетник за „она што лагите може да и направат на нашата демократија“, нагласи Макрон во телевизиското обраќање.
Францускиот центрист вели дека гласањето за брегзит било можно „затоа што премногу често ја правевме Европа жртвено јагне за нашите проблеми, но и затоа што не ја сменивме доволно нашата Европа“.
– На Европејците им треба ЕУ да ги брани нивните интереси пред лицето на Кина и САД и да решава прашања како што се миграцијата, климатските промени и дигиталната економија, но на блокот му се потребни длабоки реформи за да биде посуверен и демократски – додаде Макрон.