Мерит системот не признава партиски „измелезени“ обвинители!

Наместо да се мачи да биде духовит, обвинителот на СЈО Гаврил Бубевски треба да докаже дека партиската препорака за него е лажна. Во спротивно, ќе мора да живее со фактот дека стартот на својата обвинителска кариера во Скопје им ја должи на осум членови на пехчевскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и можеби и лично на Никола Груевски. Што е дисквалификациска маана.

3640

Дури сега, по реакцијата на обвинителот на Специјалното јавно обвинителство Гаврил Бубевски, објавена на порталот Фокус, сфатив зошто Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Пехчево во 2009 година издал писмена препорака овој млад правник да биде избран за „јавен обвинител во Скопје“. Човекот да ти имал (најмалку) една силна страна да се квалификува за обвинител во епицентарот на „Сваровски судството“ – тој се трудел и сѐ уште се труди да биде духовит.

Па така, Бубевски „демантира“ и потоа се шегува дека чул дека постоела „иста таква препорака од ОК Македонска Каменица“, во време кога го избрале за заменик претседател на советот на станари на зградата во Кисела Вода, каде што живеел. Можам да замислам колку духовит бил човеков во Грујово време, кога обвинителите и судиите од „тефтерот на Гоца“ буквално убиваа човечки души. Мора да им било многу забавно и смешно…

Но, да се вратиме на документот, во кој има податоци за кои самиот Бубевски потврдува дека се точни, но додава дека не знае дали документот е лажен или не е. А јас сум тој што на Фејсбук од шефиците на обвинителов (Јанева, Фетаи и Ристовска) побара објаснување за таа фотографија и го постави и прашањето дали можеби станува збор за лажен документ.

Да потсетам: документот има деловоден број, печат, имиња и презимиња и потписи на осум членови на славниот општински комитет. Не сум талентиран за истражител, но мислам дека секому е јасно дека во случајов е многу лесно да се истражи и да се дознае дали препораката е вистинита или е лажна.

Бубевски „демантира“ со тврдењето дека ништо од тоа не било важно (тој за препораката, замислете, разбрал лани) и дека е избран за обвинител во СЈО како кандидат што доаѓа од Академијата за судии и јавни обвинители. Е мора да признаам – ова веќе навистина е смешно!

Имено, општопознато е дека во времето на груевизмот, сите кандидати од некаде формално „доаѓаа“, но добро се знае дека зад секоја кандидатура постоеше нечија „тврда“, усмена или писмена, препорака. Велат дека сето тоа минувало лично низ рацете на Груевски. Не знам, можеби. Ако овој документ не е лажен, тогаш Бубевски мора да се соочи со фактот дека стартот на својата обвинителска кариера во Скопје му го должи на ВМРО-ДПМНЕ. И тоа од Пехчево. Можеби и на азилантот во Будимпешта.

И така, доаѓаме до две клучни прашања, што ги упатувам до сите луѓе од правосудната фела:

Прво, во кој предмет, во која наставна единица на Академијата што ја завршил Бубевски, во која книга и на која страница пишува дека општинските комитети на партиите издаваат препораки кој да биде обвинител и каде?

Второ, сите се убедуваме дека судството сега ни е многу подобро од она од времето на Груевски. И дека СЈО е институција симбол на таа нова свежина. Ај, нека ви биде. Ама, ако е така, тогаш зошто Катица Јанева имала потреба во својот тим да внесе обвинител што својата обвинителска кариера во Скопје ја започнал со препорака на осум членови на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Пехчево? Така ли функционира тој т.н. мерит систем во нашето „реформирано“ судство?

За крај, да го повторам она што го напишав на Фејсбук: сосема е можно Бубевски да е добар, та дури и совршен обвинител и патем исто толку совршен заменик претседател на советот на станари на својата зграда – но, ако објавениот документ не е лажен, во етичка смисла, тој има сила на дисквалификациска маана.

Е сега, пред да врескате, мора уште малку да ме трпите, за да ви го објаснам концептот на дисквалификациска маана, со еден многу едноставен пример од светот на кинологијата. Јас имам едно прекрасно куче, аљаски маламут, според мене речиси совршен примерок на својата раса. Субјективен сум, нормално, но факт е дека моето куче е оценето на една изложба со врвна оценка. Ама, кога мојот пес, не дај боже, би имал сини очи наместо кафеави, како сега, веднаш би морал да биде дисквалификуван од оценување, бидејќи тоа би значело дека неговите родители или предци се измелезени, најверојатно со хаска. Тоа е дисквалификациска маана за кучињата од расата аљаски маламут.

Мерит системот не познава и не признава партиски „измелезени“ обвинители и судии. Нема тука оправдувања, од типот – човекот е способен, па не знаел, па не видел, па бил легален кандидат на овој или на оној… Не, не, ништо од тоа не се важи, ако етички постои дисквалификациска маана. И тоа не е шега, драги мои. Тоа е многу сериозна работа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...