МЕПСО склучи договори со пет компании за изградба на четири далекуводи

1110

АД МЕПСО склучи договори со пет компании избрани на меѓународни тендери согласно со процедурите на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изградба на четири далекуводи и модернизација на осум трансформаторски станици во преносната мрежа.

Станува збор за девет инвестициски проекти во вкупна вредност од 18 милиони евра што ќе се реализираат со кредитната линија на ЕБОР земена во 2013 година.

По 65 години користење најстариот функционален далекувод во преносната мрежа, 110 киловолтниот далекувод што ги поврзува трансформаторските станици “Скопје 4“ и „Велес“ ќе биде заменет со нов. Нови 110 киловолтни далекуводи ќе бидат изградени и на трасите на постоечките далекуводни врски меѓу трафостаниците „Битола 1“ – „Прилеп 1“ и „Велес“ – „Овче Поле“. Овие три далекуводи ќе ги гради хрватската компанија „Далековод“ од Загреб.

Српската компанија „Енергомонтажа“ ќе го гради новиот 110 киловолтен далековод на постоечката далекуводна траса меѓу трансформаторските станици „Штип“ и „Овче Поле“.

Во четирите нови далекуводи МЕПСО ќе инвестира 10 милиони евра при што ќе бидат изградени нови 104,5 километри далекуводи поставени на 360 нови челично-реткасти столбови, со нови проводници и изолатори, спојна опрема и заштитно громобранско јаже со интегрирани оптички влакна за трансфер на податоци.
Договор МЕПСО

-Новите инвестиции значајно ќе ја зголемат доверливоста на системот, а новата опрема ќе ги сведе безмалку на нула трошоците за одржување. Рокот за изградба на новите далекуводи е 18 месеци, потенцираат од МЕПСО.

Кај трансформаторските станици, порачуваат, најголем инвестициски зафат е предвиден во „Скопје 4“ каде се менуваат: прекинувачи, разделници, мерни трансформатори, а се набавуваат системи за далечински надзор, управување и заштита. Во овој проект МЕПСО ќе вложи 4,85 милиони евра, а изведувач е „Кончар КЕТ“ од Загреб, Хрватска.

Во „Битола“ ќе се менуваат прекинувачи на 110 киловолтно напонско ниво, договорот го доби хрватската компанија „Далековод“ , а вредноста на инвестицијата е еден милион евра.

Модернизацијата на трафостаницата „Валандово“ ја доби домашната компанија „Бенинг ПСАМ“, а договорот е вреден 0,77 милиони евра, а на трафостаницата „Осломеј“ ревитализацијата ќе ја врши албанската компанија „Доко“ за 0,63 милиони евра.

Вкупната вредност на инвестициите во модернизација на овие четири трафостаници е 7,25 милиони евра. За трансформаторските станици во Скопје и во Битола рокот за реализација е три години, а за енергетските постројки во Осломеј и во Валандово рокот е 18 месеци.

За потребите на трансформаторските станици на големите хидроцентрали: „Вруток“, „Шпиље“, „Тиквеш“ и „Глобочица“ МЕПСО ќе вгради нови системи за релејна заштита. Набавката и инсталацијата на системите за релејна заштита ќе ги реализира хрватската компанија „Кончар КЕТ“, вредноста на договорот е 0,63 милиони евра, а за реализација на договорот се предвидени 18 месеци.

-Новата опрема во голема мерка ќе ја зголеми стабилноста и доверливоста на електропреносниот систем и ќе го подобри снабдувањето со квалитетна електрична енергија, велат од АД МЕПСО.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...