МЕПСО инвестира 4,6 милиони евра за модернизирање на трафостаницата „Дуброво“

Се заменува со нова опрема која е во функција 40 години во системски најзважната трафостаница во македонскиот електропреносен систем, модернизацијата е предвидено да трае до 3 години.

64

МЕПСО започна со модернизација на трансформаторската станица „Дуброво“, при што ќе биде заменета со нова опрема што е во функција од 1977 година.

Проектот опфаќа замена на примарна опрема како прекинувачи, разделници, струјни и напонски мерни трансформатори, и ревитализација на секундарната опрема на 400 kV и на 110 kV напонско ниво која вклучува испорака и инсталација на системи за релејна заштита, далечински надзор и за управување како и системи за AC/DC развод и нов систем за мерење електрична енергија.

За реализација на овој проект на меѓународен тендер, лани за најповолен понудувач е избран конзорциумот: „Сименс“ Република Србија и „Сискон“, Република Македонија.

Вредноста на договорот е 4,6 милиони евра, а се финансира од сопствени средства на МЕПСО, од кредит од Европската банка за обнова и развој и од грант од Европската комисија.

Ревитализацијата на ТС „Дуброво“ планирано е да трае три години.

Реализацијата на овој проект ќе обезбеди зголемена сигурност и доверливост во работењето со високонапонската опрема, мониторинг во реално време, навремено детектирање и превенција на дефекти и оптимализација во управувањето со електропреносниот систем.

Трансформаторската станица „Дуброво“ од системски аспект е еден од најважните енергетски јазли во македонскиот електропреносен систем затоа што го поврзува најголемиот производствен капацитет РЕК „Битола“ со најголемиот конзумен регион Скопје.

Во оваа трансформаторска станица се вмрежуваат и интерконективните 400 киловолтни далекуводи кои нашиот систем го поврзуваат со електропреносните системи на Република Бугарија и на Република Грција.

Новиот среднорочен инвестициски циклус во преносната мрежа, кој е вреден над 70 милиони евра вклучува далекувод што ќе ги поврзе електропреносните системи на Република Македонија и на Република Албанија, изградба на нова 400/110 киловолтна трафостаница во близина на Охрид, реконструкција на четири трафостаници од преносната мрежа, набавка на системи за релејна заштита за уште четири други трафостаници и проекти за изградба на шест нови 110 киловолтни далекуводи во преносната мрежа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...