Со инвестиција од 3 милиони евра, членовите на менаџерскиот тим, на чело со бизнисменот Аце Антевски, станаа 100 отсто сопственици на две друштва на „Раде Кончар“.
Тие најавуваат враќање на дел на капиталот кај акционерите со исплата на дивиденда.
– Одлуката за вложување на 3 милиони евра во сопственичката структура на „Раде Кончар – Сервис и поправки на електрични производи“ и „Раде Кончар – ТЕП“ ја донесовме со верба за натамошно успешно работење на двете друштва на македонскиот и на странските пазари и развој на вкупната македонска економија. Новата деловна политика е извозно ориентирана кон освојување на нови пазари, со нови производи, нови партнери, што ќе значат отворање на нови работни места во стратешкиот сектор, електро и металната индустрија. Токму сега созреа потребата од окрупнување на сопственичкиот капитал, кој ќе донесе нови развојни предизвици“ – велат од „Раде Кончар – Сервис и поправки на електрични производи“ и „Раде Кончар – ТЕП“.
Менаџерскиот тим на почетокот од месецов, со докупување 33 отсто од акционерскиот капитал и вложување на 3 милиони евра, стана сопственик на 100 отсто од капиталот на овие две друштва и се очекува исплата на дивиденда.
„Раде Кончар“ е познат бренд во регионот, кој опстојува долги години на пазарот и има значаен удел во развојот на вкупната македонска економија.
Следењето на светските трендови и инвестициите во нови софистицирани технологии целосно посветени на безбедноста и квалитетот на производите, овозможуваат долгогодишна успешна работа што ја потврдуваат лидерската позиција на компанијата во електро и металната индустрија. Новите времиња носат нови предизвици, а храбрите чекори на менаџерскиот тим на двете друштва „Раде Кончар – Сервис и поправки на електрични производи“ и „Раде Кончар – ТЕП“ ќе отворат нови можности за враќање на компанијата на светската сцена.
Оваа година „Раде Кончар“ одбележува значаен јубилеј – 70 години од своето постоење.