Ако Владата за 30 дена не го врати стариот Правилник за увоз на брашно според кој контролата на увезеното брашно се врши во земјава, 160.000 тони пченица ќе останат неоткупени, се заканија денеска мелничарите.
Тие очекуваат Владата да застане зад нив за да не пропадне целиот бизнис.
На прес-конференција Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија соопшти дека мелничарите нема да вршат откуп на пченица.
– Немаме економски интерес да ја откупуваме пченицата, бидејќи, практично, ние немаме пари да ја откупуваме.Дополнително нашето брашно не е конкурентно во однос на увезеното од Србија. Кај нас пченицата се откупува по 11 денари килограм, а увезеното брашно од Србија килограм чини 13 денари. Што и да направиме ние како мелничка индустрија не можеме со два денари да ги прокриеме трошоците за производство на брашно. Тоа значи дека нема да работиме – вели Малишиќ.
Мелничарите бараат Владата да преземе мерки за соодветна примена на законите и правилниците за да не се дозволи со нивно изигрување да се создава нелојална конкуренција за нив.
– Не бараме да не се увезува брашно од Србија, туку да се почитуваат законите и правилниците. Нашите анализи на увезеното брашно покажуваат отстапки во однос на квалитетот што прави нелојална конкуренција за нашето брашно. Ако се почитуваат правилниците, ние ќе имаме можност да бидеме конкурентни – вели Малишиќ.
За мелничарите е нејасно зошто владата направи отстапки при реакцијата од Србија и го врати решението според кое маркиците на брашното се ставаат во земјата произодител, наместо во земјата увозник.
– Со последното решение од Правилникот за увоз на брашно кое предвидуваше контролата на квалитетот на брашното да се врши во земјава и да се ставаат маркичките при увоз проблемот беше решен најсоодветно. Тоа не им пречеше ниту на српските производители бидејќи увозот не беше намален. Напротив во периодот од 40 дена додека течеа преговорите меѓу двете влади, беше зголемен увозот на брашно од Србија за 15 отсто- велат мелничари.
Во земјава има уште 20 компании во мелничкиот сектор кои како што рекоа денеска нивните претставници сите се со хипотекарни кредити и пред затворање.