Илјадници луѓе се собраа во Мелбурн, Австралија, за да изразат поддршка за муслиманската заедница по вчерашниот напад во две новозеландски џамии, при што загинаа 49 лица, а десетици се повредени.
Учесниците на собирот читаа молитви во спомен на жртвите, изразувајќи солидарност со стравот, кои ги опфати многумина по извршениот напад.
– Тоа што се случи во Крајстчрч беше тероризам. Убијците се терористи. Но во нашето општество нема место за предрасуди и расизам. Расизмот убива, исламофобијата убива. Како муслимани ние живееме со тоа секој ден – изјави еден од присутните во Државната библиотека на Викторија.
Неколку споменици во Мелбурн беа осветлени во црвена, бела и сина боја, како боите на новозеландското знаме.
Дваесет и осум годишниот австралиски државјанин Брентон Тарант е обвинет за нападот во двете џамии во Нов Зеланд. Тој објави манифест на повеќе од 70 страници, кој содржи антимуслиманска и антиимигрантска реторика.