Венецуелскиот опозициски пратеник Франко Мануел Касела Ловатон, кој е обвинет за предавство и други злосторства, доби засолниште во мексиканската Амбасада во Каракас, соопшти доцна синоќа мексиканската Влада.
Ловатон е еден од четворицата членови на националното Собрание, кое е под контрола на опозицијата, кои венецуелскиот Врховен суд за правда ги обвини за повеќе кривични дела, вклучувајќи предавство и заговор.
– Со оваа акција и во согласност со меѓународното право, Мексико ја повторува својата заложба за почитување, заштита и промовирање на човековите права на сите луѓе, без оглед на нивниот политички афинитет – стои во соопштението на мексиканската Влада.
Како што јави ДПА, во документот понатаму се изразува загриженост „за состојбата со човековите права, правото на фер процес и неповредливоста на парламентарниот имунитет во Венецуела, особено на членовите на националното собрание на земјата“.
Венецуелските безбедносни сили вчера го блокира Парламентот на Венецуела, оневозможувајќи им влез во зградата на пратениците, со образложение дека постои закана за поставена бомба.
Вчерашната акција на безбедносните сили следи откако Врховниот суд на Венецуела минатата недела им го одзеде имунитетот и им одреди притвор на неколку опозициски пратеници под обвинение за предавство.
Парламентот требаше да заседава за да расправа за одлуката на Врховниот суд за покренување обвиненија за предавство против дел од пратениците.
Лидерот на венецуелската опозиција Хуан Гуаидо изјави дека властите во земјата се обидуваат да го затворат Националното собрание, еднодомниот Парламент на Венецуела.
– Нема сомнеж дека (властите) имаат само една цел – да го затворат Собранието. Државниот тероризам е единствена работа која Николас Мадуро може да ја понуди – рече Гуаидо пред неговите приврзаници во Каракас.
Тој истакна дека членовите на Парламентот денеска ќе продолжат со работа.
– Ние ќе продолжиме да работиме и нема да го напуштиме Парламентот. Ако бидеме приморани да одржиме седница пред Собранието, на улица, ќе го направиме тоа – додаде Гуаидо.
Националното собрание се обидува да го смени Мадуро, кој лани беше реизбран на функцијата на избори со сомнителен легитимитет и бојкотирани од опозицијата. По истекот на претходниот мандат на Мадуро во јануари годинава, Гуаидо, повикувајќи се на уставните одредби, се прогласи за привремен претседател на државата до одржување на нови демократски и слободни претседателски избори. По ова, околу 50, претежно западни земји, го признаа Гуаидо за легитимен шеф на државата.