МВР готви нов закон: Ќе се регулираат патеките за електричните тротинети

1539

Нивните предности се огромни, тие се спас од гужвите и проблемите со паркинг, а и не ја загадувате околината, но од друга страна, нивната инвазија предизвика сериозни проблеми и дебати во некои западни држави, како Франција и Германија, пред сѐ, за безбедноста и хаосот што се создава по тротоарите и пешачките зони.

Кај нас, за среќа, сѐ уште нема сериозни проблеми со користењето на ова превозно средство, но тротинетите и тука периодов ја „живеат“ својата популарност. Градските власти дури и го поттикнуваат нивното користење, па во 2018 Градот Скопје доби 117 барања за субвенции. Оттаму најавуваат оти деновиве ќе распишаат и нов јавен повик за субвенционирање.

Паралелно, за во иднина да не се доведеме во ситуација со сообраќаен хаос и на пешачките патеки и зони, надлежните подготвуваат измени со кои електричните тротинети ќе си добијат свое место во Законот.

– Со оглед дека појавата, односно учеството на електричните тротинети во сообраќајот стана зачестена појава по сообраќајниците, а имајќи предвид дека овој вид на превозно средство не е регулирано во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, Министерството за внатрешни работи подготвува законски измени и дополнување на Законот, а сѐ со една цела – нормативно регулирање и воспоставување стандарди за безбедност и за овој вид учесници во сообраќајот – велат од МВР, не наведувајќи какви конкретни измени се спремаат.

Во ваков процес е и Србија каде властите планираат најдоцна до наредната година да почне да важи нов Закон кој ќе го регулира движењето на електричните тротинети. Директорката на тамошната Агенција за безбедност во сообраќајот, Јасмина Милошевиќ, пред два дена во јавноста го презентираше нејзиниот став како треба да се реши ова прашање.

Според нејзините изјави, кои ги пренесоа српските медиуми, насоката во која би се движел новиот закон е да се овозможи на тротинетите да се движат на тротоари и пешачки зони, но со брзина до 6 километри на час, а ако станува збор за поголема брзина тогаш тие да ја користат велосипедската патека.

Со носењето на ваков закон веќе една година се мачат и француските власти, каде голема популарност има изнајувањето тротинети. Во Париз еден од најголемите проблеми е узорпацијата на пешачките зони со паркирањето на тротинетите кои се изнајмуваат, односно нивното оставање каде што ќе им текне. Според статистики кои ги објавуваат медиуми, од почетокот на годината само за тоа биле напишани над 600 казни. Уште поголем проблем Французите имаат со несреќите и повредите на граѓаните до кои доаѓа токму поради тоа што на местата предвидени за пешаци се возат и тротинети со брзина од 20-30 километри на час.

Бидејќи француската влада сѐ уште не донела решение, на почетокот на месецот, градоначалничката на Париз, Ан Идалго, најави законски мерки односно дека ќе бара забрана за возење и паркирање електрични тротинети на тротоари и во паркови, возењето во пешачки зони да се ограничи на 8 километри на час и со закон да се регулира тие да се движат по коловозот до максимална брзина од 20 километри на час.

Последна од европските земји која донесе ваков закон е Германија, каде се забрани движење на тротинетите по тротоари. Наместо таму, тие сега треба да се движат по улица и по велосипедска патека со максимална брзина од 20 километри на час. Меѓутоа, и ваквото решение на германските власти предизвика бурна реакција, овој пат, од велосипедската асоцијација која се побуни дека нема инфраструктура за тоа и оти сега им е потребен двојно поголем простор за велосипедизам.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...