Матис: Ситуацијата со Русија станува неиздржлива, САД ќе возвратат

139

По обелоденувањето на информациите за руски напад врз Организацијата за забрана на хемиско оружје (ОЗХО), како и доказите дека Русија поседува забранети нуклеарни ракети, НАТО и САД денеска ја заострија реториката кон Москва.

Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис од Брисел порача дека САД ќе разгледаат како да одговорат на руските напади и прекршувања на меѓународните договори, но одби да открие повеќе детали.

– Сегашната ситуација со Русија станува неиздржлива и за ова долго разговаравме со нашите сојузници – порача Матис, кој во Брисел учествува на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО,

На земјите членки на Алијансата денеска им биле презентирани докази за руски обид за напад врз ОЗХО, кој успеале да го спречат разузнавачки служби на Холандија и Велика Британија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Матис изнесените доказите ги оквалификува како „кредибилни и убедливи“.

Освен тоа, САД и нивните сојузници во Европа и Канада изразија сериозна загриженост поради фактот што Русија поседува ракета од типот 9М729, која е забранета со условите на Повелбата за нуклеарни сили од среден дострел. попознат како ИНФ.

Оваа ракета би и овозможила на Русија да ги нападне земјите членки на НАТО во многу кус рок, објаснуваат експертите. Веќе подолго време НАТО се сомнева дека Москва поседува ваква ракета.

– ИНФ е во опасност поради активностите на Русија. Откако со години се оградуваше, Русија призна дека ја поседува 9М729. Ова е дестабилизирачки и претставува сериозен безбедносен ризик – предупреди генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Според него, прекршувањето на ИНФ и кибернападот врз ОЗХО се дел од истата руска пракса веќе видена во Сирија, каде Москва го поддржува сирискиот претседател Башар ел Асад, а видена и во британскиот град Солсбери каде двојниот агент Сергеј Скрипал беше затруен со забранетата супстанца “новичок“.

Американскиот секретар за одбрана, од своја страна, порача дека Русија мора да ја плати сметката за своето однесување

– Не зборувам за воени операции и уште помалку за ситуација во развој. Русите беа фатени со опрема и со луѓе кои го сторија делото, изјавби Матис, одговоарајќи на прашање за кибернападот врз ОЗХО. – Русите ќе треба да одговараат за ова, а како ние ќе одговориме е политика одлука на инволвираните нации, одговорот нема нужно да биде „кибе родговор“. Имаме цела низа одговори на располагање – додаде Матис.

Тој нагласи дека Западот се уште се обидува да ја врати Русија на патот на почитување на Повелбите, но дека ваквото однесување на Москва веќе предолго трае.

Матис нагласи дека учесниците на состанокот на министрите за одбрана на земјите члеки на НАТО оцениле дека Русија ги прекршува меѓународните правила и најави дека заклучоците од средбата ќе ги презентира во Вашингтон, каде ќе биде донесена одлука за слендите чекори.

Столтенберг, пак, нагласи дека земјите членки на НАТО поседуваат доволно докази оти зад нападот врз ОЗХО и зад други кибер напади во светот стои воената разузнавачка служба на Русија, ГРУ.

– ГРУ стои зад други кибер напади кои ги погодија граѓаните во светот како и во Русија и има огромна економска цена. Русија мора да престане со ова неодговорно однесување за употреба на сила против соседите, мешање во избори и ширење дезинформации – рече генералниот секретар на НАТО.

Столтенберг најави дека поради зголемениот ризик од кибер напади, земјите членки на НАТО на состанокот одлучиле значително да ги зајакнат своите капацитети и координација во оваа област,

– Информатичките напади од сега ќе се сметаат за еднавки на кој било друг вид на напад, копнен, воздушен или морски и ќе биде основа за активирање на членот пет од Повелбата на Алијансата, кој обврзуна солидарност во случај на надворешен напад врз која било земја членка – најави шефот на Алијансата.

Тој одби да одговори како и дали НАТО ќе возврати.

– Би било погрешно да шпекулирам и да се создава непотребна неизвесност – рече Столтенберг.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...