Министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Мас и порача на официјална Тирана дека критериумите за почеток на преговори за членство во ЕУ се јасни и оти потребни се резултати во реформите за да се убедат скептиците.
На заедничката прес- конференција со неговиот домаќин, албанскиот министер за надворешни работи и Европа, Дитмир Бушати, Мас одлуката за евентуален почеток на преговорите во јуни 2019 година, рече дека е донесена врз основа на оценката за спроведените реформи во последните години во земјата.
– Во исто време, земјите членки на ЕУ јасно ставија до знаење дека отворањето на преговорите за членство во јуни 2019 нема да биде по автоматизам. Критериумите за ова се познати и јасни. Мора да постојат чекори за други резултати во однос на реформите, за да можеме да ги убедиме сите оние што се малку скептични во врска со овој процес. Станува збор најмногу за консолидирање на владеењето на правото или независноста на правниот систем. Јас сум многу оптимист дека ќе одиме напред на овој пат – рече Мас.
Министерот Бушати изјави дека патот кон членство во ЕУ не е лесен и треба да биде придружен со конкретни постигнувања.
На новинарско прашање поврзано со идејата за промена на границите меѓу Косово и Србија, Мас изјави дека Германија е скептична и дискретна во однос на ова прашање.
– Постои страв од домино ефект. Ние сме скептични и дискретни во врска со ова прашање. Тоа треба да се разјасни и реши без да донесе други проблеми, покрај оние што веќе постојат, изјави Мас
Германскиот шеф на дипломатијата во Тирана допатува од Скопје, во рамки на неговата балканска турнеја која ја почна во Букуреш ,а ја завршува со посетата на Атина.