Министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас изјави дека би сакал Велика Британија да се откаже од Брегзит иако смета дека таков исход е малку веројатен.
Во интервју за „Функе медија групацијата“, тој го повтори ставот на ЕУ дека нема да има нови преговори со Лондон за прашањето за договор за Брегзит.
– Договорот со Британија веќе е компромис, особено ако се земат предвид одредбите во врска со Северна Ирска. Не смее да се постави цврста граница со Република Ирска. Не можеме да ризикуваме повторно конфликт во Северна Ирска – изјави Мас.
Според него, единствена опција да се избегне хаотичен Брегзит, односно напушатње без договор, е да се прифати постоечкиот договор. Велика Британија би требало да ја напушти Унијата на 29 март.