Маскирани лица на протестот во Атина сакаа да се пробијат кон Парламентот

379
Photo: EPA/Yannis Kolesidis

Инциденти се случија пред грчкиот Парламент за време на протестот во Атина организиран против Договорот од Преспа, јави дописникот на МИА од Атина.

Група маскирани лица со грчки знамиња веројатно припадници на екстремно десничарски групи се обидоа да го пробијат полицискиот кордон кај Споменикот на незнајниот јунак пред грчкиот Парламент.

Тие, како што јави дописникот на МИА од Атина, со предмети, шишиња и пиротехнички материјали ја нападнаа полицијата, која одговори со шок бомби и солзавец. Кон полицијата беа фрлани и бои.

Протестот во Атина на плоштадот „Ситагма“ започна со грчки знамиња и со плакати со пораки „Македонија е грчка”, „Референдум сега” и со извикување слични слогани меѓу кои и „Овој Договор е предавство”.

Организаторите се од т. н. Комитет за одбрана на грчкиот карактер на Македонија за да го кренат својот глас против Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина.

Иако закажан за 14 часот по локално време, граѓаните уште два часа претходно почнаа да се собираат пред грчкиот Парламент.

Организаторите поставија и бина, а официјално не се соопштени имињата на главните говорници, но уште пред официјалниот почеток, на присутните им се обраќаат претставници и членови на организациите и здруженијата што го поддржуваат протестот.

Меѓу граѓаните има и поддржувачи на „Златна зора“ кои на улиците околу грчкиот Парламент фрлија  флаери со пораки дека Македонија е грчка.

На „Синтагма“ заедно со граѓаните се и голем број свештени лица.

Центарот на Атина, јавува дописничката на МИА од Атина, е под силно полициско обезбедување.

Photo: EPA/Yannis Kolesidis

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...