Тајландски војник изврши масакр во градот Корат, убивајќи најмалку 20 лица, јавуваат локалните медиуми. Според „Бангкок пост“ тој зел 16 заложници. Во нападот има и голем број повредени.
Тим од специјалните единици се подготвува да влеза во трговскиот центар, од каде, според тајландската полиција, се слушаат истрeли.
На социјалните мрежи се споделува снимка, на која се гледа голем пожар во близина на шопинг центарот.
Напаѓачот, идентификуван како Јакрапант Тома, пукал по цивили во Корат, а потоа влегол во трговски центар каде зел како заложници 16 лица. Војникот, кој по ранг е помлад офицер, прво го убил својот надреден во воен кампус во провинцијата Након Ратчасима, по што украл воено возило Хамер, со кое се превезол до блискиот град Корат каде отворил оган кон цивилите.
Властите го затворија центарот на градот и областа околу трговскиот центар за да го приведат осомничениот.
Војникот го пренесувал нападот во живо на Фејсбук и направи селфи додека држи пушка. На една снимка се гледа како војник со шлем и униформа велејќи дека е „толку уморен од пукање на луѓе што веќе не може да го помрдне прстот“.
Тајландските корисниците на Твитер објавија дека Фејсбук ја отстранил снимката во живо, на која беа прикажани убиствата на 12 лица. Во избришаните снимки, може да се слушнат звуците на рафали, некои луѓе преплашени бегаат од напаѓачот, додека други паѓаат погодени.
Медиумите објавија дека само неколку часа пред масакрот, војникот објавил бесен пост на Фејсбук во кој се вели дека „бара одмазда“.
„Дали луѓето кои се богатат со корупција и ги користат другите, сметаат дека можат да ги понесат парите со себе во пеколот?“, напишал напаѓачот.
Безбедносните камери од трговскиот центар наводно го забележале убиецот како ладнокрвно се шета по празните ходници со пушка во рацете.
Напаѓачот украл неколку парчиња оружје и муниција од воената база, како и воено возило.