Марјан Костадиновски-Мац, неколку години по ред ја држеше познатата „ПИВОТЕКА“ во Скопје која беше првата специјализирана продавница во Македонија за увозни специјални пива и уникатни чаши. По затворањето на продавницата Мац продолжи со активноста на порталот „сакампиво.мк“, со цел следење на состојбите околу пивската сцена, поддршка на локалните производители и локални пиварници, следење на новитетите на пазарот, интервјуа со професионалци, аматери, како и конзументи на пиво од различни професии, едукативен карактер со цел ширење на култура на конзумирање на пиво во насока на умерено и одговорно со акцент на здравствените придобивки од умереното конзумирање.
По професија е дипломиран инжинер по безбедност при работа и здравје, но поголемиот дел од својот професионален ангажман бил во новинарски редакции.
Десетина години бил активен и во музичките кругови, по радио-станици и списанија од областа на музиката, а потоа се насочил и кон специјализирани магазини за угостителство кадешто пишувал доста текстови на тема пиво.
„Токму овие текстови беа една моја иницијатива за да седнам и да напишам една книга за пиво која ја насловив како „Пивски приказни од зрно до чаша“, текстот е речиси готов и се надевам дека следната година преку организацијата „Слоу Фуд“ ќе успееме да го реализираме и овој капитален проект“, вели Мац во интервју за „Арт кујна“.