Мартенс: Коронавирусот ќе има делумно влијание на економијата

Мартенс изрази надеж дека без разлика која политичка партија ќе ја преземе власта во земјата ќе продолжат да мислат на стопанството, односно и во иднина на стопанството ќе му пружат стабилност во планирањето, правна сигурност и силни државни институции.

217

Коронавирусот е глобална криза и тоа нема да предизвика застој само во Северна Македонија, напротив ќе предизвика застој и во стопанството во целиот свет. Особено важно е во овој период да останеме со студени глави, изјави денеска директорот на Делегацијата на германското стопанство во државава Патрик Мартенс.

– Да, ќе има делумно влијание на стопанството во Македонија. Но, сметам дека македонското стопанството во брз и краток рок ќе успее да се опорави од тоа. Поголемиот проблем со кој се соочуваме моментно во земјата е недостигот на стручен работен кадар кој ние, како Делегација на германското стопанство се обидуваме преку нашиот проект за дуално стручно образование што го имплементираме во земјата да го помогнеме – рече Мартенс, одговарајќи на новинарско прашање пред почетокот на панелот за очекувања и предизвиците на бизнисот што го организираше Делегацијата, со учество на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски.

Мартенс појасни дека целта на овие панели е да им се даде шанса на претседателите на големите политички партии, едната или другата, кои ќе ја формираат идната влада да зборуваат пред нивните компании членки, пред инвеститорите во земјата. Да ги претстават нивните планови во однос на стопанството, а компаниите да постават прашања за плановите и приоритетите на партијата.

Мартенс изрази надеж дека без разлика која политичка партија ќе ја преземе власта во земјата ќе продолжат да мислат на стопанството, односно и во иднина на стопанството ќе му пружат стабилност во планирањето, правна сигурност и силни државни институции.

– И политиката што ќе се води во стопанството и во иднина ќе биде пријателски настроена кон инвеститорите бидејќи тие се оние кои отвораат нови работни места, а државата има добивка од даноците што се плаќаат – рече Мартенс.

Мицкоски, пак, изјави дека идната влада ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ќе спроведе и сет мерки и политики што ќе значат практично партнерство и поттикнување на економскиот раст на државата.

– Се разбира за да имаме успешна економија во Македонија, ние мораме да имаме успешно реформирано правосудство, а не вакво правосудство кое што од Сваровски прерасна во Луј Витон правосудство, за да можат инвеститорите, без разлика дали доаѓаат од надвор од Македонија или се домашни инвеститори да можат да се чувствуваат сигурни во сопствените инвестиции – рече Мицкоски.

Тој потенцира дека е потребно да се вложува во образованието и во кадарот, односно во човечкиот потенцијал кој потоа ние како држава ќе го понудиме на бизнис заедницата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...