Директорот на српската владина Канцеларија за КиМ, Марко Ѓуриќ, кој пред 12 дена беше приведен и депортиран од Косово, денеска ќе замине повторно за северно Косово да присуствува на полноќна Велингденска литургија во манастирот Бањска.
Таа информација е потврдена и од Министерството за надворешни работи во Приштина, како и од советникот на шефот на дипломатијата Јетлир Зиберај, кој за весникот Газета експрес изјави дека „посетата е одобрена“.
– Барањето за посетата е одобрено во духот на мирот и разбирањето по повод православниот празник Велигден, изјави Зиберај, додавајќи дека Ѓуриќ, како и сите останати верници имаат право да се молат во која било црква во која сакаат.
– Правилата ќе се прочитуваат бидејќи тој се соочува со новата реалност на Косово и со оваа реалност се запознати сите српски државни функционери, изајви Зиберај.
Заминувањето на Марко Ѓуриќ на Косово се случува само по 12 дена од неговото приведување и инцидентите во Косовска Митровица на 26 март, кои Приштина го аргументираше како негова провокација и непочитувањето на процедурите за посетата, по што тој беше депортиран од Косово. Србија потоа го стопираше Бриселскиот дијалог со Косово, а преставниците на српската листа ја напуштија косовската влада и започнаа со изработка на статутот на Заедницата на српски општини, со што српско-косовските односи уште повеќе се заострија.