Марина Абрамовиќ под напон од милион волти

635

Работата на светски познатата уметница, која се занимава со перформанси, Марина Абрамовиќ е позната како шокантна, а нејзиниот претстоен перформанс ќе биде исто така радикален.

Имено, во 2020 година во Кралската академија на уметности, Марина ќе прикаже соло перформанс во чии рамки таа ќе се изложи на струја од милион волти.

Ако претставата успее, Марина, која тогаш ќе биде на 73-годишна возраст, ќе изгасне свеќа на растојание од еден метар, бидејќи електричното поле ќе треба да го одбие пламенот.

Уметничко-технолошката компанија „Фактум Арте“ моментно работи на производство на направата која ќе ја изложи Марина под висок напон во регулирана и безбедна околина. Основачот на компанијата Адам Лоу изјави дека електричната струја е нешто што луѓето всушност не го разбираат.

Целата претстава ќе биде фотографирана со помош на Кирлијановиот ефект, техника која случајно е откриена во 1939 година при што се користи извор на висок напон со цел да се создадат слики на фотографска плоча. Деталите за перформансот ќе се разработуваат во следните две години.

Инаку, Абрамовиќ ќе биде прва жена која ќе настапи во главната галерија на Кралската академија за уметности од нејзиното основање пред 250 години.

За потребите на ова шоу, Марина го предложила и перформансот во кој фонтана ја исфрла нејзината сопствена крв, но тоа сепак нема да се одржи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...