Манчевски: Работевме во екстремни услови за организирање на Дигиталниот самит (ВИДЕО)

За жал, рече тој,  работевме во екстремно кратки рокови кои не зависеа од нас, бидејќи финансиската конструкција беше склучена на 30 март и ние во никаква друга процедура освен во итни случаи не можевме поинаку да ги спроведеме набавките. 

227

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска појасни од каде се обезбедени парите за одржување на Дигиталниот Самит кој ќе се одржи во Скопје на 18 и 19 април, како одговор на обвинувањата изречени на вчерашната собраниска седница, за наводното незаконско финансирање на Самитот.

Манчевски информира дека е потпишан договор по итна постапка со една од трите компании од кои се земени понуди, но тоа било поради кратките рокови. Тој го соопшти кој се учествува во финасирање на Самитот.

– Од Буџетот на РМ ќе се потрошат 79.000 евра. 166.000 од различни помагатели на Самиртот 106.000 евра доаѓаат од компании- спонзори кои закупуваат штандови, 50.000 евра доаѓаат од Советот за регионална соработка со седиште во Сараево (РЦЦ), 5.000 евра од Друштвото за меѓународна соработка (ГИЗ) – рече Манчевски.

За жал, рече тој,  работевме во екстремно кратки рокови кои не зависеа од нас, бидејќи финансиската конструкција беше склучена на 30 март и ние во никаква друга процедура освен во итни случаи не можевме поинаку да ги спроведеме набавките.

– Ова беше единствен начин, Македонија да биде домаќин на еден од најголемите регионалните настани за оваа година или да реши да не се одржи Самитот – рече Манчевски.

Манчевски рече и дека одлуките во врска со тоа не зависеле од МИОА туку од  Управниот одбор на Самитот.

Тој информира дека Дигиталниот самит претставува дел од Берлинскиот процес и има за цел регионална координација за приближување на регионот до Европската Унија.

– Македонија повеќе не е изолирана земја, туку се стреми кон што е можно поголема поврзаност со своите соседи и градење на добрососедски односи. Токму затоа, овие два дена фокусот ќе биде како да се зголеми дигиталното поврзување и соработка во ИТ сферата помеѓу земјите од регионот и ЕУ. Самитот ги поврзува на едно место претставниците од владите, бизнисите, регионалните организации, граѓанското општество, академската заедница и младите, со заедничка цел за размена на идеи и предлози и дефинирање на заедничко делување – рече Манчевски.

Дигиталниот самит претставува единствена можност каде ќе се разговара за сите прашања нотирани во Стратегијата, како што се: намалување на цените на роамингот, сајбер безбедност, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните.

Официјалната програма на Самитот содржи четири панел дискусии за дигитални вештини, ИТ безбедност, дигитално поврзување и дигитална економија и општество.

– Учество ќе земат премерите на државите од Западен Балкан и министри одговорни за дигиталната агенда. Исто така, на самитот ќе присуствуваат и земјите-членки на ЕУ кои учествуваат во Берлинскиот процес, Европската комисија, Советот за регионална соработка, претставници од ИТ индустриите и бизнис секторот, академската заедница, младите… – информира Манчевски.

Составен дел на Дигиталниот самит ќе бидат и повеќе активности кои се отворени за сите заинтересирани граѓани.

Паралелно, овие 2 дена во СЦ „Борис Трајковски“ ќе има Експо, каде заинтересираните компании кои работат во дигиталната сфера ќе имаат можност да ја презентираат својата работа. Ќе има и дополнителни настани кои вклучуваат Дигитални разговори – отворена сесија за различни теми од областа на дигитализацијата за сите заинтересирани учесници, како и Конференција за борба против лажни вести.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...