Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски најави дека во текот на денот ќе се случат првите откази на роднините на функционери од власта што периодов беа вработени во државните фирми.
– Ќе се повлечат луѓето. Првите резултати ќе се видат денеска. Но да оставиме да бидат конкретни чекори и најавите кои се инволвирани во овој процес- рече Манчевски.
Вчера, премиерот Зоран Заев рече дека ќе остави самите тие да соопштат дека се откажуваат од државната работа, бидејќи станува збор за личен чин.
Претходно Антикорупционерите објавија имињата на 18 роднини на функционери и пратеници кои беа вработени во државните институции и претпријатија, а кои ќе се испитуваат во наредниот период.
На листата за ревизија се вработувањата и унапредувањата на роднините на пратеничката Мира Стојчевски, која стана позната како Мира Дизел, откако јавноста дозна за високите суми што ги зела како патни трошоци.
Потоа вработувањето на ќерката на спикерот Талат Џафери, Бесија Џафери во ЕЛЕМ, на Надица Делкова, сопруга на градоначалникот на Неготино, на сестрата на министерот за култура Асаф Адеми, вработена во ЕЛЕМ.
Отворен е предмет и за синот на пратеникот Горан Мисовски, за мајката на Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ, за сестрата на министерот за економија, Крешник Бектеши, вработен во МЕПСО, за вработувањето на сопругата на градоначалникот на општина Берово, за сестрата на пратеникот Александар Кирацовски.
Ќе се врши проверка како е вработен и синот на пратеничката Милева Ѓорѓиева, потоа работното место на сопругата на пратеникот Зекир Рамчиловиќ, ќерката на пратеничката Емилија Александрова, внуката на градоначалникот на општина Прилеп, сопругот на државниот секретар во МВР, Магдалена Несторовска.