Кога Собранието во 2018 година ги усвои законските измени со кои се забранува емитување на странски програми без регулирани авторски права, имаше согласност и од кабелските оператори и од националните медиуми како засегнати страни, изјави министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски откако вчера Здружението на Информатичко комуникациските технологии најави прекин на реемитување на програмите на домашните и странските телевизии, ако последните законски измени на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги не се повлечат.
– Дополнително, во врска со ова прашање постоеше и политички консензус, откако ескалираше спорот на релација национални медиуми – кабелски оператори поради авторските права. Тогаш беше утврдено дека законските измени ќе важат по изборот на нов состав на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, која требаше да изготви подзаконски акти врз основа на законските измени, меѓутоа тоа одби да го стори. Поради политичката блокада на ВМРО-ДПМНЕ во матичното собраниско тело за избори и именувања, не беше возможно да се избере нов состав на ААВМУ, па Собранието пред распуштање едногласно изгласа законската измена од 2018 година да стапи во сила – објаснува Манчевски.
Според него, кога почна да се пролонгира примената на законската измена од 2018 година, проблемот останал, со тоа што продолжиле да не се почитуваат авторските права.
– Сега, откако тој почна да важи, кабелските оператори бараат да не важи одредбата што предвидува кривична одговорност за нивните одговорни лица во за непочитување на законот – вели Манчевски.