Несекојдневна и исклучителна личност, меѓу оние кои ја прифатија нужноста на промените што ги бара историјата и кои ги поставија темелите на македонската култура, отворајќи ги нејзините хоризонти кон Европа и светот, беше речено денеска во Македонската академија на науките и уметностите, на комеморацијата за академик Милан Ѓурчинов (1928-2018).
– Ѓурчинов е еден од врвните умови на македонскиот интелектуален Пантеон. Исклучителен творец и деец кој на многу полиња оствари резултати кои остануваат ненадминати по своите вредности и значење, рече академик Влада Урошевиќ, нагласувајќи ја важната улога што Ѓурчинов ја имал во македонскиот модернизам – движење за осовременување на уметноста и за нејзино осомастојување од владејачката идеологија.
Урошевиќ истакна дека двете, како што ги нарече, крајно смели, предизвикувачки и еретички реченици на Ѓурчинов: „Уметноста мора да биде верна на себеси. Таа не е ничија слугинка“, објавени во 1954 година во списанието „Млада литература“, имале извонредно силен одек во македонската книжевна средина и дека биле борбен лозунг на цела групација, главно, млади луѓе кои пред 65 години ја воделе битката за слободата на уметноста.
Било задоволство, рече Урошевиќ, не само да се разговара, туку и да се спори со Ѓурчинов, зашто секогаш настапувал аргументирано, а доблест што најмногу ја ценел кај него, рече, била неговата доследност.
Академик Милан Ѓурчинов има голем придонес во развојот на македонската литературана критика, одличен познавач беше на руската литература (особено творештвото на Чехов, Достоевски и Пастернак) и е заслужен за формирањето на Катедрата за Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет со која се воведени нови методи во проучувањето на литературата.
Претседателот на МАНУ Таки Фити во своето обраќање истакна дека тој ќе остане запаметен како еден од најсуптилните македонски литеартурни критичари, кој внел нови, високи стандарди и европски вредности во книжевната критика која беше негова доминантна научна и уметничка преокупација.
– Акедмик Милан Ѓурчинов беше совесен и загрижен интелектуалец за состојбите и пробелмите во македонското општество и за нивниот одраз врз МАНУ, рече Фити и додаде дека Ѓурчинов негувал критички дух и кога се работи за Академијата и секогаш барал, покрај постигнатите успеси, во извештаите јасно да се идентификуваат и слабостите во нејзиното работење.
Годинава во февруари, на трибина која Друштвото на писателите на Македонија ја организираше по повод 60 години членство на Ѓурчинов, тој повика да се актуелизира прашањето за непостоењето на книжевната критика денес. Ситуацијата е многу критична во однос на критиката, рече тогаш Ѓурчинов, и треба да поразговараме што може да се стори таа ситуација да се промени.
– Секогаш сум се сфаќал како национален критичар и ако нешто сум помогнал во литературата, тоа е мојот придонес во нејзиниот развој. Не кријам дека сум за големи промени во македонската литература. Не сакам неа да ја именуваат како мала, провинцијална како што се зборува за малите народи и нивните литератури.. Не за застарена и анахронична, туку за литература која рамноправно ќе се носи со другите литератури, истакна Ѓурчинов на собирот што во негова чест пред пет месеци го организираше ДПМ.
Работениот век тој го помина како професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Беше шеф на Катедрата за славистика и покренувач и раководител на Катедрата за компаративна книжевност. Членувал во голем број меѓународни книжевни асоцијации меѓу кои и во Президиумот на меѓународниот славистички комитет, Извршниот совет на Европското друштво за култура во Венеција, Меѓународната медитеранска академија во Неапол…
За дописен член на МАНУ бил избран во 1988, а за редовен во 1994 година. По повод смртта на Ѓурчинов, во МАНУ денеска беше отворена книга на жалост, а до Академијата стигнале и голем број телеграми со сочувство.