Еден од најпосакуваните бендови на современата сцена, шведската инди-рок група „Мандо Диао“ конечно ќе гостува со концерт кај нас, а својот премиерен настап пред македонската публика бендот го потврди за оваа зима и тоа на јубилејниот 20-ти фестивал „Таксират“ во Скопје! Славниот бенд со беспрекорен звук и фантастична концертна енергија ќе настапи како еден од хедлајнерите на главната фестивалска вечер на „Таксират“, на 8 декември, во ВИП-арената „Борис Трајковски“.
„Мандо Диао“ започнаа да творат во 1999 година и за 19 години постоење снимија осум студиски албуми. Нивниот стил оформен со гаражен рок/поп/инди звук и извонредната енергија на настапите во живо беа многу бргу препознаени, па набргу светската критика и обожавателите ширум светот се согласија дека „Мандо Диао“ е еден од најдобрите бендови на современата рок-сцена.
Со голема популарност и на балканските простори се стекнаа по излегувањето на албумот „Give Me Fire!“ во 2009 година и огромните хитови што бројат десетици милиони прегледувања на Јутјуб, а без кои не можеше да се замисли која било добра забава – „Dance With Somebody“ и „Gloria“.
Минатата година го објавија албумот „Good Times“, кој направи одличен баланс помеѓу тие две „струи“ што го водеа овој бенд, помеѓу нивниот оригинален, стар звук и оној кон кој се стремеа во последните неколку години. Во рамките на промоцијата на ова издание, „Мандо Диао“ конечно за првпат ќе настапат и пред македонската публика, во рамките на „Таксират“, на кој ќе ја предводат главната фестивалска вечер. Имено, „Таксират“ годинава го прославува јубилејното 20-то издание, а завршницата на големата прослава нѐ очекува токму на главната фестивалска вечер, која ќе се одржи на 8 декември и на нова локација, во ВИП-арената „Борис Трајковски“. „Мандо Диао“ е првиот потврден изведувач од финалето на „Таксират 20“, а наскоро ќе бидат објавени уште многу други значајни музички имиња за оваа вечер, која воедно и ќе ја претстави Арената во сосема поинакво светло, посебно уредена за оваа цел со врвна продукција, доловувајќи ја препознатливата атмосфера на „Таксират“, со три фестивалски бини, капацитет за повеќе од 10.000 посетители и претставувајќи го новиот продукциски концепт на Фестивалот!
Билетите се во продажба од понеделник, 8 октомври. Првите влезници со најповолната цена за главната вечер на „Таксират“ ќе чинат само 500 денари и ќе се продаваат во многу ограничен број. Влезниците може да се најдат онлајн и на сите благајни во продажната мрежа на „Мк тикетс“.