Макфест, Златно славејче и Скопскиот џез фестивал ќе преживеат

Собраниската Комисија за култура утре ќе одржи надзорна расправа на тема „Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018 година“.

699

Откако Министерството за култура ја ревидираше годишната програма, распредели пари за фестивали и проекти кои претходно не добија ниту денар или добија малку пари за своите активности. По бурните реакции во јавноста Министерството објави нова листа на добитници.

Така, сега, Фестивалот на детска песна „Златно славејче“ доби 400.000 денари, Интерарт културниот центар за проектот Скопје танцов театар доби 500.000 денари, ДМУ самоорганизација букинг ДООЕЛ за проект „Авалон повикува“ која побарала 20 милиони денари добила милион.

Фестивалот „Макфест“ доби милион денари, „Охридско лето“ добило најмногу – дури 25 милиони денари, а побарало околу 50 милиони денари, Скопскиот џез фестивал 2019 доби 3 милиони денари плус милион денари за фестивалот Офф фест.
МОБ за Мајски оперски вечери доби 5,9 милиони денари. Културно уметничкото здружение „Џезинг арт“ од Тетово за проектот „Џезфест Тетово 2019“ доби 1,5 милиони денари, а здружението „Дитуриа“ за проектот „Гранд при 2019“ доби милион денари.

Здружението „Алегрето“ од Тетово за истиот проект „Сцена на албанска сериозна музика“ добило два пати, барем според објавената листа на Министерството за култура, – еднаш 3 милиони денари, а друг пат 1,1 милион денари.

За монографијата „Македонска рок дискографија“ се издвоени 200.000 денари.

Во меѓувреме за утре е закажана и собраниската Комисија за култура, која на својата 23. седница ќе одржи надзорна расправа на тема „Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Министерството за култура за проекти од национален интерес, со посебен осврт на реализацијата на Програмата за 2018 година“.

Комисијата за култура поканува сведоци од различни државни органи, научни институции и граѓански организации да учествуваат на расправата и да дадат искази и одговори на членовите на Комисијата.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...