Францускиот претседател Емануел Макрон, во текот на посетата на Вашингтон, предложи да дејствува како посредник меѓу Далај Лама и Кина, со цел да се реши кризата на Тибет.
– Ако Франција може да биде корисна во решавањето на ситуацијата меѓу Далај Лама и неговиот народ од една страна и Кина на друга страна, ќе дадам се од себе, порача Макрон вчера во разговор со студентите на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“.
Францускиот претседател истакна дека на основа на првите навестувања, има впечаток дека кинескиот претседател сака поместување во решавањето на ситуацијата.
Макрон ја исклучи можноста за средба со духовниот водач на Тибет во Франција.
– Кога би се состанал со него, тоа би довело до криза со Кина, истакна Макрон, напоменувајќи дека со Далај Лама се сретнал во текот на предизборната кампања во Франција.
Францускиот претседател заклучи дека „средба со Далај Лама во Париз, без предуслови, би испратила само некаков сигнал, што би било бескорисно или контрапродуктивно“.