Францускиот претседател Емануел Макрон изрази жалење за 11-те лица кои загинаа откако на 17 ноември во Франција почнаа протестите на „жолтите елеци“, но притоа истакна дека ниту еден од загинатите не бил „жртва на полицијата“.
– Повеќето го загубија животот поради човечка глупост, но никој од нив не беше жртва на полицијата – изјави синоќа Макрон за време на посетата на Египет, одговарајќи на новинарско прашање за почитување на човековите права во Париз.
Францускиот претседател истакна дека, од таа причина, сака да им оддаде признание на силите за безбедност поради нивниот професионализам.
Макрон рече дека во Франција е дозволено слободно изразување и напомена дека демонстрациите на „жолтите елеци“ никогаш не биле забранети.
Осврнувајќи се на приведувањата за време на протестите, Макрон рече дека тие биле легитимни и дека се уапсени „бунтовници и екстремисти кои уништувале, напаѓале други граѓани или институции, а не затоа што нешто зборувале или мислеле“.
„Фигаро“ напоменува дека Макрон ретко јавно зборува за „жолтите елеци“ и насилството на протестите.
Повеќето од 11-те загинати за време на протестите на „жолтите елеци“ животот го изгубија во сообраќајни несреќи.
ФОТО: EPA / Juan Ignacio Roncoroni