Макрон: Најлошото е избегнато

301
FOTO MIA

Париските пожарникари вечерва успеаја по неколку часа гаснење на пожарот во катедралата Нотр Дам да ја сочуваат конструкцијата на објектот во целина, јавија француски медиуми.

– Можеме да кажеме дека конструкцијата на Нотр Дам е спасена во целина – изјави Жан-Клод Гале, командант на пожарната бригада и додаде дека огнот е речиси изгаснат.

Државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Лоран Њунез изјави дека и понатаму се внимателни во проценките, но се „многу поголеми оптимисти“ отколку претходно.

Пожарот го гаснеа повеќе од 400 пожарникари кои успеаја да спречат ширење на огнот на северната камбанарија.

Тие нагласија дека ќе останат да го гаснат пожарот и во текот на ноќта. Според првичните информации од истрагата, најверојатно пожарот случајно избил.

Пожарот првично го зафати поткровјето, по што се урна дел од кровот и врвот на централната кула што го држеа четири столбови високи 93 метри.

Пожарот изби во седмицата пред Велигден.

Зданието во готски стил е во четвртиот арондисман во Париз, во срцето на главниот град на Франција во близина на реката Сена. Нотр Дам е најпозната катедрала во Франција по катедралите во Ренс, Стразбур, Шартр, Буве и Амиен.

Францускиот претседател го нарече пожарот што ја уништи катедралата Нотр Дам „ужасна трагедија“ и додаде дека најлошото сепак, било избегнато.

– Она што се случи е очигледно ужасна трагедија…Пожарникарите покажаа исклучителна храброст,  професионализам и посветеност…Би сакал да им се заблагодарам од името на целата нација – изјави Макрон.

Повторно ќе ја изградиме катедралата Нотр Дам, нагласи Макрон.

Според градоначалничката на Париз Ан Идалго, најголемиот број од вредните предмети и реликвии кои се чуваа во Нотр-Дам се извлечени, а според ректорот на катедралата, Круната со трње и туниката на Сен-Луј, два предмети од исклучително значење за католиците, се „спасени” од огнот што ја опустоши Нотр-Дам од Париз, рече епископот Патрик Шовет, ректорот на катедралата.

Круната со трње, според католичкото верување, е онаа што римските војници ја ставија на Исусовата глава за да се потсмеваат со него непосредно пред неговото распетие.

Фондацијата културно наследство најави дека од утре ќе започне со „национално собирање на средства”, за да се поправи штетата предизвикана од пожарот што во моментов ја уништува катедралата Нотр-Дам во Париз.

Првиот камен на катедралата Нотр Дам (Света Богородица) е поставен во 1163 година за време на владеењето на Луј Седми. Изградбата трае во поголем дел од следниот век.

Реставрации и дополнувања на структурата се правени во 17 и 18 век. Доминираат во катедралата две кули со камбани изградени во 13 век. Највисоката е наречена Емануел.

На катедралата се издигаше централна кула со форма на стрела што се урна во пожарот. Таа беше висока 93 метри.

До двете кули со камбаните се стигнува со 387 скали од каде туристи може да видат панорама на градот.

„Нотр Дам“ не е само катедрала, трага од времето, кога луѓето гледаа кон небото, тоа е заеднички дом, арка на нашата историја. Тоа е бесценет дел од Франција, опустошен од пожарот, објавуваат француски медиуми.

Обновата почна минатиот јули. За обнова беа потребни 150 милиони евра. Државата деблокира 2,5 милиони евра за една од кулите висока 93 метри и изградена од 500 тони дрво и 200 тони олово.

Пожарот во катедралата Нотр Дам е ставен под контрола  во 3 часот утрово, по осумчасовната огнена стихија, соопшти противпожарна служба на Париз, јавуваат западни медиуми.

Огнот, кој се случи во раните вечерни часови, брзо се распламти, изгоре главната кула, која потоа се урна, а набрзо и целиот покрив.

Пожарникарите успеаја да спречат уништување на главната камбанарија и се обиоа да спасат религиозни реликвии и непроценливи уметнички дела.

Во пожарот еден пожарникар е тешко повреден.

FOTO MIA

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...