Македонците големи спанковци – најголемиот дел од денот го поминуваат во спиење

Македонскиот граѓанин најголем дел, 36 проценти од времето во денот го троши на спиење, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

101

Македонскиот граѓанин најголем дел, 36 проценти од времето во денот го троши на спиење, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

На слободни активности отпаѓаат 22 проценти од времето, по 10 проценти на домашни активности и вработеност, 9 проценти на јадење и пиење, по 4 проценти на патување и школување и 1 процент на останати активности.

Лицата постари од 10 години просечно по осум часа и 44 минути поминуваат на спиење преку ден или ноќ.

Два часа и 25 минути се трошат на домашни активности како подготвување храна, миење садови, чистење на станот, перење, пеглање, рачни изработки, градинарство, грижа за домашни миленичиња. Тука спаѓаат и активности поврзани со домаќинството како што е градење и поправка, купување и разни услуги, грижа за деца…

Два часа и 30 минути македонскиот граѓанин троши на главна и дополнителна работа, вкучувајќи ги и кратките паузи за време на работата, патувањето за време на работата, прекувремената работа и патувањето поврзано со вработеност, службен пат, семинар и друго.

Македонскиот граѓанин јаде и пие просечно 2 часа и 14 минути, 56 минути троши за лична хигиена, грижа за сопственото здравје, интимни односи и на активности што се вршат бесплатно за член од семејството, роднина, пријател или слично.

Педесет и две минути од времето просечно се троши за патување кое вклучува пат од и до работа, патување поврзано со школување, патување поврзано со купување и услуги, со грижа за децата или друга грижа за домаќинството, поатување поврзано со дружење, патување поврзано со реализација на хоби, спорт, одмор…

Податоците од анкетата на Државниот завод за статистика ја прикажуваат традиционалната поделба на работите меѓу мажите и жените. Мажите поголем дел од времето го поминуваат на платена работа, додека кај жените, домашните активности одземаат најголем дел од времето.

И кога се вработени, повторно жените предводат во домашните активности со голем процент. Вработените жени учествуваат со 14 проценти за разлика од вработените мажи кои учествуваат со само пет отсто во тие активности.

Од времето кое жените го поминуваат на домашни активности, дури 37 проценти е на подготвување храна, додека мажите за подготвување храна трошат 12 проценти од времето. Миењето садови кај жените зазема 16 проценти од домашните активности, додека кај мажите два проценти.

Граѓаните во Македонија најголем дел од слободното време, 40 проценти, го поминуваат пред телевизор, потоа на одморање, користење компјутер, дружење, шетање и пешачење.

ФОТО: Викимедиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...