Во сеќавање на Неда Арнериќ (1953-2020) која почина неодамна, Кинотеката на 14 и 15 февруари ќе прикаже четири македонски играни филма со белградската актерка која беше и меѓу најпознатите во поранешната југословенска кинематографија.
На 14 февруари ќе бидат прикажани два филма во режија на Бранко Ивановски Гапо – од 18 часот „Време без војна“, снимен во 1969, и од 20 часот – „Истрел“ од 1972 година.
В сабота од 18 часот Кинотеката ќе го прикаже филмот „Татко (Колнати сме, Ирина)“ режиран од Коле Ангеловски во 1973 година.
Во 20 часот на 15 февруари ќе биде прикажан „Исправи се, Делфина“ на Александар Ѓурчинов снимен во 1977, за кој Арнериќ доби Сребрена арена за главна женска улога на фестивалот во Пула.
„Неда Арнериќ првпат се појавува на филм во 1966 година, со неполни 14 години, и заедно со Славко Штимац беа првите вистински деца-ѕвезди на југословенската кинематографија. Остави траен белег и во македонскиот филм, посебно во 70-те години од минатиот век“, соопшти Кинотеката.