Македонија со национален штад се претставува на најголемиот саем за широка потрошувачка во Руската Федерација и во Југоисточна Европа „Продекспо 2019“ што трае до 15 февруари во Москва. Настапот на македонските компании е во организација на Македонска-руската стопанска комора и со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија.
Своите производи ги изложуваат „Стоби“, „Далвина“, „Тиквеш“, „Бовин“, „Маестро“ и „Гобекс“.
– На националниот штанд на 65 квадратни метри руските увозници и дистрибутери, трговските синџири и најголемите маркети, како и другите деловни луѓе и бројните посетители, ќе можат да ќе се сретнат со врвни македонски вина и квалитетна храна од овдешните производители. Македонско-руската стопанска комора по десетти пат, а со државната поддршка по осми пат, го организира презентирањето на македонската прехранбена и индустријата на пијалаци, микс што маркетиншки влијае на зголемување на пласманот македонските стоки на овој голем пазар – вели Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонска-руската стопанска комора.
Во „Експоцентарот“ во Москва на „Продекспо 2019“ на 100.000 квадратни метра ги изложуваат своите производи 2.442 компании од 69 држави од светот со 29 национални штанда, меѓу кои е и македонскиот.
Се очекува саемската манифестација да ја посетат преку 62.000 посетители од 100 држави и сите федерални области во Русија.
Учеството на саемот, македонските компании ќе го искористат за интензивни контакти со руските партнери, но се очекуваат и бројни деловни средби со претставници на рускатата комора и другите деловни асоцијации, како и со официјалните лица на руската администрација.