Партијата на Македонците во Србија (СМС) и Демократската партија на Македонците (ДПМ) на состаноците во Панчево на 28 октомври и во Пландиште, на 1 ноември, постигнаа договор за заедничко настапување на двете македонски партии, на сите полиња на политичкото делување и на сите процеси од локално до парламентарно ниво, се наведува во соопштението од двете партии доставено до дописникот на МИА во Белград.
Во него се наведува дека „договорот е постигнат на големо и двострано задоволство и во иднина двете македонски партии, сплотени, ќе преставуваат пореспектабилен политички субјект на македонската заедница во Србија.“
Обединувањето на партиите се случува непосредно пред изборите за Националниот совет на Македонците, кој со новиот Закон за Националните совети во Србија, е деполитизиран, односно во него не можат во Извршниот одбор и на претседателските функции да бидат именувани високи патиски функционери од малцинските партии, се посочува во соопштението.
– За сите контраверзи околу изборите за Националниот совет на Македонците, кој бнимателно го скедиме, двете партии ќе излезат со заедничко соопштение, се порачува во соопштението потпишано од претседателот на СМС Горан Илиевски и претседателот на ДПМ Ненад Крстевски.
Во пресрет на изборите за националните совети со соопштение се огласи и опозицискиот „Сојуз за Србија“ кој ја обвини владеачката Српска Напредна странка (СНС) дека преку притисоци и незаконски дејства спроведува постапка за ставање под своја контрола на советите на националните малцинства, со што ја загрозува регуларноста на изборите.
Во Србија во недела на 4 ноември, во организација на Републичката изборна комисија се одржуваат избори за членови за Националните совети на националните малцинства, меѓу кои и на македонското малцинство.
Националните совети во Србија, меѓу кои е и Македонскиот национален совет, е државна институција преку која националните малцинства во Србија ја остваруваат својата со Уставот загарантирана самоуправа во образованието, културата, информирањето, употребата на јазикот и писмото, но не и во политиката.
Членовите на националниот совет на македонското национално малцинство, на руското, црногорското и на хрватското малцинство ќе се бираат посредно, преку електорско собрание, бидејќи во посебниот бирачки список се немаат запишано повеќе од 40 отсто гласачи од соодветното малцинство.
Но, на повеќе досегашни средби на Македонците во Србија, како и на средбите со преставниците на македонските власти, беа искажани големи проблеми и неслога, со обвинувања на работата на постоечкиот Национален совет и распределбата на финасиски средба меѓу нив.