Проценка на степенот на дигитализација на компаниите, а потоа и програма за нивна дигитализација за да станат поконкурентни на глобалниот пазар, најви денеска Стопанската комора.
Оваа активност на Комората е произлезена од последниот Инвестициски коморски форум одржан во Виена, каде што Австрија прифати да ги сподели сопствените искуства во дигитализацијата и дуалното образование со компаниите од Западен Балкан. Австрија инаку е лидер во светот по однос на дигитализирањето на компаниите.
Татјана Штерјова од Стопанската комора рече дека не може за кратко време да се очекуваат позначајни резултати, оти македонските и компаниите од соседните земји се далеку од трендовите за дигитализација на компаниите во светски рамки.
– Она што е важно е да го фатиме трендот на овие процеси и да се почне да се работи на развивање на свеста на компаниите дека е неоходно да се спроведува процесот на дигитална трансформација за да ја одржат својата конкуретност на глобалните пазари – рече Штерјова.
Во рамки на проектот кој ќе го води Австрија прво ќе бидат обучени консултанти за дигитализација, а потоа ќе се селектираат компаниите кај кои ќе се дигитализираат.
– Со проектот се обезбедени пари за обука на консултантите и компаниите во кои прво ќе се спроведе процесот на дигитализација- рече Штерјова.
Во однос на дуалното образование, планирано е да се создаде образовен профил за дигитализацијта и спроведување на практичната настава.