Македонска премиера на „Врба“ на Манчевски, од утре филмот во кината низ земјава

Свечената промоција се должи и на тоа што Манчевски сними македонски филм по пауза од речиси десет години (по филмот „Мајки“), а беше и во знакот на два јубилеја на режисерот – неговиот  60-ти роденден и 25 години од добивањето на „Златниот лав“ во Венеција за филмот „Пред дождот“.

1122

Шестиот игран филм на режисерот Милчо Манчевски „Врба“ вечерва премиерно беше прикажан пред македонската публика, неполни две недели по светската премиера на Филмскиот фестивал во Рим.

Официјалното прво прикажување се одржа во Филхармонијата. По двочасовната проекција екипата на филмот се поклони на сцената и доби долготраен аплауз од публиката.  Во стилот на светските фестивали, пред почетокот имаше црвен тепих до влезот на концертната сала, по кој поминаа режисерот, актерите, организацискиот тим на филмот и гостите – меѓу кои беа и претседателот Стево Пендаровски, министри, политичари и јавни личности.

Истовремени премиерни проекции на „Врба“ вечерва имаше и во кината  „Милениум“ и „Синеплекс“ во Скопје, како и во Битола, Охрид и Штип.

Свечената промоција се должи и на тоа што Манчевски сними македонски филм по пауза од речиси десет години (по филмот „Мајки“), а беше и во знакот на два јубилеја на режисерот – неговиот  60-ти роденден и 25 години од добивањето на „Златниот лав“ во Венеција за филмот „Пред дождот“.

Изминатите години Манчевски работеше во Њујорк и Куба  каде што ги сними играниот „Бикини Мун“ и кратките филмови  „Крајот на времето“ и „Четврток“. За „Врба“ доби поддршка од Агенцијата за филм со 1,2 милион евра.

– Убаво е чувството повторно да се режира тука, убаво е да не си во егзил. Јас сакам да работам во Македонија дури и кога морам главната поддршка и финансиери да ги организирам во светот, а потоа да го донесам проектот тука, како што беше со „Пред дождот“ и „Прашина“. Во овој случај првпат имав организациска поддршка од продукцијата и од Агенцијата како што никогаш не сум имал досега. По многу години искуство, имав инфраструктура во која можеш комотно да работиш, тоа е исто толку убаво колку и задоволството од завршениот филм – изјави Манчевски пред  светската премиера на филмот во Рим.

„Врба“ е филм за лојалност, љубов, доверба и мајчинство, кој спојува приказни за три млади мајки (улогите ги толкуваат:  Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски). Едната приказна се случува во 17 век, а другите две се современи.  Се надополнуваат, а во исто време се и контраст една на друга.  „Врба“, исто така, го тематизира и односот на општеството кон поединецот и на поединецот кон општеството.

За средновековната приказна режисерот истражувал и консултирал стручни лица и во тој процес, како што рече, интересно било да се открие колку биле различни, а исти луѓето од тоа време и колку тоа што ние го знаеме како историја е, всушност, романтизирана фикција.

Тоа, според Манчевски, е една од убавите придобивки од снимањето на овој филм, кој е  македонско-унгарско-белгиска копродукција во која учествува и Албанија. Беше снимен минатата година во октомври и ноември, на локации во Мариово, Преспа, Трескавец и во Скопје.

Во актерската екипа се: Петар Мирчевски, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристески Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ… Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс.

Од утре „Врба“ ќе биде на редовниот репертоар во кината во кои вечерва беа премиерните проекции, а  од понеделник ќе се прикажува и во други градови.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...