Македонија очекува Владата на Косово да се премисли и да го повлече зголемувањето на царините за увоз на овошје и зеленчук со што ќе се надмине спорот потребата за воведување на контрамерки.
-Владата прави се за да не дојде во ситуација да воведуваме контра – мерки како одговор на постапката на Косово – велат од Министерството за земјодлество.
Оттаму информираат дека министерот Љупчо Николовски е во постојана комуникација со тамошните власти.
Од Министерството за земјодлество информираат дека решение за проблемот со воведените заштитни мерки од страна на Косово ќе се бара и на заедничка средба на сите ресорни министри од регионот која ќе се одржи во среда.
Доколку не се надмине проблемот во среда,најавена е средба и на министрите за земјоделство Љупчо Николовски и за економија Крешник Бектеши со нивните колеги – косовските ресорни министри.
-Целта е Укинување на одлуката и овозможување на брз проток на стоки и услуги како и трговска размена помеѓу двете земји – посочуваат од Министерството за земјоделство.
Минатата недела Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство и Министерството за економија, испратија допис до ЦЕФТА, Европската унија и до Владата на Косово, со кое се бара повлекување на одлуката на Косово за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук. Доколку и покрај сите напори и средби кои престојат Косово не ја повлече одлуката, Владата на Република Македонија ќе преземе мерки за заштита на домашното производство.