Македонската статистика се вброи во 18 земји чии статистички инстуции го вовеле највисокиот меѓународен статистички стандард за дисиминација – СДДС плус на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Ова беше соопштено денеска на заедничкарта презентација на стандардот на трите институции кои работеле на имплементацијата Државниот завод за статистика, Министерството за финансии и Народната банка.
– Македонија е осумнаесетта земја во светот, а втора од Југоисточна Европа, што пристапува кон СДДС Плус – прва меѓу земјите од регионот коишто сѐ уште не се членки на Европската Унија. Овој успешен заеднички проект е јасна потврда за посветеноста на трите институции за постојано надоградување на националните статистики и на нивното усогласување со најновите, највисоки меѓународни статистички стандарди – рече на презентацијата гувернерката на НБРМ Анита Ангеловска-Бежоска.
Таа појасни дека исполнувањето на условите на стандардот СДДС Плус подразбира изготвување на девет нови категории податоци, од кои седум се во надлежност на НБРМ, а две се во надлежност на Министерството за финансии.
– ММФ дозволи да имплементираме најмалку пет од деветте статистички податоци кои го сочинуваат стандардот. По изготвувањето и доставувањето на првите пет, во натамошниот период како дел од овој стандард на ММФ ќе бидат испорачани уште четири статистички показатели кои се однесуваат на статистиката на хартии од вредност, статистиката за финансиски сметки и статистиката на јавните финансии – додаде Ангеловска-Бежоска.
Министерот за финансии Драган Тевдовски говорејќи за значењето на стандардите рече дека со воведувањето на стандардот ќе порасне и довербата кај меѓународните финансиски институции.
– Ова ќе ја подобри довербата кај меѓународните финансиски организации, кредитните рејтинг-агенции и што е особено важно – кај инвеститорите. За меѓународните инвеститори и институции високите статистички стандарди се клучни. Ако веруваат во податоците, значи дека веруваат во државата. Со пристапувањето кон СДДС плус го јакнеме кредибилитетот на државата во меѓународни рамки – рече Тевдовски
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски информира дека за овој стандард Македонија се интересира од 2000 -та година со воведувањето на првиот стандард.
– Само за споредба, земјите од регионот – Србија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, сѐ уште се во овој стандард. – нагласи Симовски.
Дел од стандардот СДДС Плус кон кој пристапи земјава на 28 јануари се и Соединетите Американски Држави, Канада, Франција, Германија, Австрија, Италија, Шведска и Јапонија.