Северна Македонија и Црна Гора денеска потпишаа спогодба за заедничко признавање на квалификувани доверливи услуги и на шемите за електронска идентификација.
Спогодбата ја потпишаа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и црногорската министерка за јавна администрација Сузана Прибиловиќ.
Потпишувањето на спогодбата значи дека електронските документи издадени од институциите во Северна Македонија како што се Централниот регистар, Царината, Управата за водење на матични книги и други ќе бидат подеднакво признаени и во Црна Гора. Истото, ќе важи и за документите извадени по електронски пат во Црна Гора.
– На овој начин, за граѓаните од двете земји ќе се намалат административните процедури и времето потребно за издвање на овие документи – истакна Манчевски, додавајќи дека со потпишувањето на спогодбата, двете држави како дел од Берлинскиот процес покажуваат дека сакаат и можат да работат заедно, односно дека се подготвени да ги совладаат бариерите меѓу државите во регионот.
Спогодбата, како што наведува Министерството за информатичко општество и администрација, ќе придонесе кон зголемување на соработката и развојот на економските активности меѓу двете држави и кон забрзување на процесот на дигитална трансформација.