Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска вчера, во име на Владата со Меѓународниот економски форум „Перспективи” од Дубровник во Загреб, Република Хрватска, потпиша „Протокол за партнерство и соработка”, со кој се прифаќа иницијативата Република Македонија да биде земја домаќин на вториот „Светски конгрес на претприемачи” во 2019 година. Со прифаќањето на оваа инцијатива, се очекува надоградба на деловниот имиџ на Македонија, како земја која е посветена на економскиот развој и унапредувањето на претприемачките слободи.
– Со изразената волја на Владата да го поддржи одржувањето на следниот Светски конгрес на претприемачи непосредно се вклучуваме во воспставувањето на партнерски односи и соработка помеѓу бизнис заедниците од регионот на централна и источна Европа, затоа што сме уверени дека развивањето и унапредувањето на економската соработка е важна за развојот на секоја земја – рече Апостолска.
Претседателот на управниот одбор на Меѓународниот економски форум „Перспективи“, Винко Ќуро изрази благодарност до Владата на Република Македонија за прифатената инцијатива и притоа истакна дека на овој начин ќе се овозможи и одличен регионален канал за промовирање на стопанството и претпремиништвото, како и на можностите за инвестирање во Македонија.
– Преку идентификување и промовирање на успешните претприемачи, добри претприемачки пракси и креативни проекти, квалитетни и иновативни производи и услуги, нови технологии, нови маркетинг трендови и ИК-технологии, овој конгрес за македоноските стопаственици и претприемачи наредната година ќе понуди одлична можност за унапредување на пазарната комуникација – рече Ќуро.
Овој Конгресот е резултат на работата на „Регионалниот самит на претприемачи на средна и југоисточна Европа – 300 најдобри“, кој традиционално се одржува во Дубровник, Република Хрватска, и произлегува од иницијатива на делегати-претприемачи од Австрија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Норвешка, Германија, Србија, Словенија и Швајцарија.
На овогодишниот прв „Светски конгрес на претрпемачи“, кој се одржува од 4 до 7 декември во Загреб, партиципираат над 600 учесници, сопственици на компании, претприемачи, менаџери, политичари, претставници на академската средина од десетина земји од југоисточна и средна Европа.