Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје, неодамна ја објави книгата „Почетоците на кинеската цивилизација“ од Ли Чи – еден од основоположниците на
кинеската археолошка наука, во превод од англиски јазик на Сибела Ајдинова.
По близу шест децении од поставувањето на темелите на кинеската археологија, сѐ уште во Кина доминираа размислувањата, постулатите и концепциите на Ли Чи (1896 – 1979).
По дипломирањето, од елитната академија „Тсингхуа“ Ли Чи бил испратен во Соединетите Американски Држави да студира психологија и социологија. Но таму тој се запознал со
антропологијата и антрополошките книги и бил фасциниран од овој предмет, за кој претходно немал никакво знаење. На Харвард, каде што во 1923 година докторирал, Ли Чи студирал со Хотон, Тозер и Диксон и од овие тројца ментори тој се стекнал со знаење за физичката антропологија, археологијата и етнологијата, што понатаму му користело како за неговата
докторска дисертација (1928) така и во неговата натамошна шеесетгодишна кариера во Кина.
Од 1923 година, кога се вратил во Кина, до 1928 година, Ли Чи бил само типичен универзитетски професор, научен истражувач базиран врз американската матрица. Предавал на Универзитетот „Нанкаи“ во Тјенцин (1923 – 1925), а потоа на новиот Истражувачки институт при неговата матична академија „Тсингхуа“ (1925 – 1928). Од 1925 до 1926 раководел со ископувањето на неолитската јангшао култура, на локалитет лоциран во Хси-јинтсун во Хсиа Хсиен, јужен Шанси, под закрилата на Институтот „Тсингхуа“ и Уметничката
галерија „Фрир“ во Вашингтон и станува првиот кинески студент кој истражува археолошки локалитет.
Во 1928 година Ли Чи доживеал пресвртница во својот живот, а во исто време пресвртница доживеале и кинеската археологија и историографија – ги открива првите пишани документи
за династијата Шанг и во наредниот половина век е национален лидер во археологијата. Во оваа книга на Чи се објавени неговите најдобри статии за кинеската археологија,
односно дава интегрален преглед за почетоците и за развојот на кинеската цивилизација. Освен за своите најзначајни истражувања и ископувања за раниот развој на Кина, тој, меѓу
другото, пишува и за некои антрополошки прашања за Кина.
Пишувајќи за првите пишани траги во Кина и за кинескиот јазик, Ли Чи вели: „Кинезите, со непрекинат континуитет го развивале пишаниот јазик повеќе од три илјади години. Тоа е
јазик во кој новите идеи во повеќето случаи се регистрираат по пат на слевање на релевантни знаци во еден симбол, во кој редоследот и подредувањето на зборовите, се најистакнатите
карактеристики во граматичката конструкција, во која тоновите и интонациите играат улога како во ниту еден од абецедните јазици; тоа е јазик во кој, симетријата го надминува секое
силогистичко размислување во секоја форма на литературното производство.“