Екипата на „МакеДокс“ на 1 јули тргна кон селото Радожда, струшко, каде ќе биде лоциран базниот камп, а оттаму ќе се упатува кон селата од двете страни на границата.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ ќе се одржи од 1 до 12 јули и ќе има проекции во села околу двете езера, Охридското и Преспанското езеро од македонската и од албанската страна.
„Особено ни е мило што годинава успеавме да ја оствариме идејата Патувачкото кино да стане регионален настан и првпат во неговата реализација се вклучени и партнери од Албанија. Од 2 до 11 јули ќе се одржат седум проекции во 4 македонски и 3 албански населени места по следниот редослед: Лабуништа (2 јули), Бучимас (3 јули), Вишни (5 јули), Драслајца (6 јули), Пустец (7 јули), Луково (10 јули) и Лин (11 јули). Паралелно со проекциите на документарните филмови ќе се одвиваат и други активности, како патувачката библиотека на „МакеДокс“ со книги собрани со донаторска акција, а кои на крајот ќе бидат донирани на основното училиште во Радожда. По проекциите во Драслајца, Пустец, Луково и Лин планирани се музички забави“, велат организаторите.
Паралелно со Патувачкото кино од 5 до 11 јули ќе се одвиваат сесиите на третата генерација „Докуникулци“, кои оваа година ќе работат во формат на камп за креативен документарен филм, а за првпат и оваа платформа е поставена регионално со учество на млади од 15 до 18 години од нашата земја, но и од Србија и Албанија.
Партнери на „МакеДокс“ во овој проект се Академијата за филм и мултимедија „Маруби“ од Тирана, Албанија, и Филмскиот фестивал „Слободна зона“ од Белград, Србија.