Евентуалното посредување на Ватикан во Венецуела бара одобрување од две страни, изјави синоќа поглаварот на Римокатоличката црква Франциско и додаде дека примил писмо од претседателот на Венецуела, Николас Мадуро.
– Почетните услови се такви што двете страни треба да бараат посредување – рече папата во авион при враќање од повеќедневната посета на Обединетите Арапски Емирати.
Според него, треба да се почне од можностите за дијалог и приближување на двете страни.
Папата рече дека примил писмо од Мадуро, но сѐ уште не го прочитал.
– Ќе видам што може да направиме кога ќе го прочитам писмото – изјави папата Франциско.
Мадуро вчера изјави за италијански медиуми дека испратил писмо до папата, со кое од него бара помош и посредување.
– Му испратив писмо на папата Францсиско. Му реков дека во служба на Христос и во тој дух, го замолив за помош во процесот на олеснување и јакнење на дијалогот – рече Мадуро, додавајќи дека побарал од Франциско да вложи најголеми напори и да помогне на патот кон дијалогот.
ФОТО: EPA / ETTORE FERRARI