Американската пејачка Мадона изјави дека се чувствува како „силувана“ поради напис на „Њујорк тајмс“ за неа, нагласувајќи дека новинарката се фокусирала само на тривијалности и површни нешта, на пример – нејзините години.
Поранешната поп-ѕвезда на својот Инстаграм-профил уште еднаш истакна дека весникот е „еден од темелите на патријархатот”.
– И, велам – смрт за патријархатот длабоко вкоренет во општественото ткиво – порача Мадона.
Натаму, таа вели дека до крај ќе се бори со „бескрајната потреба на општеството да го омаловажува она што знае дека е добро, посебно силните и независни жени“.
– Новинарката авторка на статијата, мина часови, денови и месеци со мене во свет којшто малкумина имаат можност да го видат. Но, таа одбра да се сосредоточи на тривијални и површни работи, како што е етничкото потекло на мојата двојничка, материјалот за моите завеси и на бескрајните коментари за моите години, коишто никогаш и не би биле спомнати да бев маж – вели Мадона во својот осврт.
Потоа таа вели дека на жените, дури и на оние кои себеси се сметаат за феминистки интелектуалки, им е тешко да ја претстават величината на успешна жена.
– Жал ми е што минав толку време со неа. Се чувствувам како да сум силувана – нагласува Мадона, додавајќи дека таа смее да ја користи таа аналогија оти била силувана на 19 години.